Копретседателката на ултрадесничарската Алтернатива за Германија (АфД), Алис Вајдел, изјави дека доколку партијата влезе во федералната влада, ќе бара Германија да ги напушти еврозоната и шенгенскиот договор, затворање на националните граници и значително заострување на миграциската политика.

Вајдел тоа го изјави во интервјуто за германската телевизија Зе-де-еф емитувано вчера.

„На Германија ѝ беше значително подобро пред воведувањето на еврото“, рече Вајдел тврдејќи дека заедничката европска валута ја ослабела германската економија и го намалила богатството на домаќинствата.

Во однос на миграцијата, таа најави затворање на германските граници и излез на Германија од шенген-зоната.

„Ќе ги затвориме границите и ќе излеземе од шенген“, рече Вајдел.

Таа се заложи и за поголем број депортации и ограничено доделување германско државјанство, вклучително и враќање на Сиријците, на кои повеќе не им важи статусот на заштита.

Вајдел истовремено ги критикува партиите ЦДУ на канцеларот Фридрих Мерц и СПД на министерот за финансии, Ларс Клингбајл, повторно напаѓајќи ја ЦДУ поради одбивањето да соработува со АфД.

„Ќе владееме со првите покраини. А ќе владееме и на федерално ниво“, порача Вајдел.

Партијата АфД во пресрет на изборите во областа Саксонија-Анхалт закажани за 6 септември, според анкетите, има поддршка од повеќе од 40 отсто од гласачите.

На национално ниво испитувањата на јавното мислење на АфД ѝ даваат поддршка од 27 отсто, а ЦДУ има 22 отсто од гласачите.

Вајдел повторно се огласи против планираното укинување на продажбата нови автомобили со мотори со внатрешно согорување, како и мерките за намалување на последиците од климатските промени.

Алтернатива за Германија е основана во 2013 година како евроскептична партија, која се спротивставуваше на политиката за финансиско спасување на презадолжените членки на еврозоната.

По мигрантската криза во 2015 година партијата значително се придвижи кон десно ставајќи го во центарот на својата политика спротивставувањето на имиграцијата и исламот, како и значително покритичкиот однос кон Европската Унија. Денес, АфД се опишува како крајнодесничарска, националистичка и антиимиграциска партија.

На предвремените федерални избори во февруари 2025 година АфД освои 20,8 отсто од гласовите, двојно повеќе отколку во 2021 година, и заврши на второто место зад ЦДУ. Со 152 пратеници стана најголема опозициска партија во Бундестагот. Другите водечки германски партии досега одбиваат коалициска соработка со АфД одржувајќи го таканаречениот заштитен ѕид (Brandmauer) кон крајната десница.

Германската Сојузна канцеларија за заштита на уставот (БфВ) во мај 2025 година ја прогласи АфД за ексремистичка крајнодесничарска партија.

Меѓутоа, Управниот суд во Келн во февруари годинава привремено му забрани на БфВ да ја означува и третира АфД на тој начин до донесувањето одлука во главната судска постапка. Судот оцени дека и натаму постои сериозно сомневање за противуставни тенденции во партијата, но дека засега не е доволно утврдено тие да ја карактеризираат АфД во целина.

Алис Вајдел (47) е една од двете копретседателки на АфД на федерално ниво, предводник на пратеничката група во Бундестагот. Во партијата е од основањето во 2013 година. По професија е економист. Студирала економија и деловна администрација и докторирала економија. Пред да влезе во политиката, меѓу другото, работела за „Голдман Сакс“ и „Алијанц глобал инвесторс“. Повеќе години живеела во Азија, особено во Кина, и зборува мандарински.

На изборите во 2025 година беше првата кандидатка на АфД за германска канцеларка. Под нејзино раководство партијата го постигна најдобриот резултат на федерални избори во својата историја освојувајќи повеќе од десет милиони гласа.

Во приватниот живот Вајдел се разликува од традиционалниот профил на партијата, чие раководство често ги нагласува конзервативните семејни вредности. Таа живее во истополова заедница со партнерка оо потекло од Шри Ланка, со која одгледува два сина.