Најмалку шест лица загинаа денес, меѓу кои и три деца, кога џип преполн со мигранти излетал од патот Виа Игнациа и удрил во карпа во близина на Кавала, соопштија грчки официјални лица.
Во џипот, како што јавуваат медиумите, имало дури 16 лица.
Полицијата соопшти дека во несреќата уште четири лица се тешко повредени, кои се префрлени во болницата во Кавала. Причината за несреќата не се знае.
Според грчки агенциски извештаи, станува збор за ирачки имигранти, кои биле шверцувани, а во несреќата загинал и шеврцерот, но не се кажува дали е грчки државјанин.
Возилото дошло од градот Еврос, кој се наоѓа на граничниот реон со Турција, која е главна точка на премините на имигрантите и бегалците во потрага за подобар живот во Европа.