Приватниот остров Креван, во северниот дел на Венеција, се нуди на продажба заедно со тврдина од времето на Наполеон, две пристаништа и околу 5.700 квадратни метри земјиште. Островот се наоѓа на неколку минути едрење од островите Бурано и Торчело.
Имотот располага со тревници, високи дрвја, украсни растенија и овоштарник, како и мал внатрешен канал и неколку патеки што водат до пристаништата. Најзначајната градба е тврдината, со површина од 215 квадратни метри. Инаку, првата тврдина е изградена во 1806 година, за време на владеењето на Наполеон, како дел од мрежата утврдувања за одбрана на овој италијански град. Подоцна, под австриска власт, била проширена, а по анексијата на Венето кон Кралството Италија во 1866 година, станала сопственост на италијанската држава и останала во воена употреба до периодот по Првата светска војна.
Островот подоцна станал приватен, а тврдината била претворена во живеалиште. Реновирањето почна во 1996 година, имајќи го предвид зачувувањето на оригиналната структура. Тврдината денес има четири главни соби и две бањи, како и системи за вода, електрична енергија, греење и климатизација.
На островот има и дополнителни соби, како и стражарски простор, а урбанистичките прописи дозволуваат тие да бидат поврзани со станбената зона. Цената не е јавно објавена, а имотот моментно се нуди на приватниот пазар. (МИА)




