Поранешниот командант на Главниот штаб на војската на Република Српска, генерал Ратко Младиќ, почина во притворската болница во Хаг на 83-годишна возраст – потврди државната секретарка во Министерството за човекови и малцински права на Србија, Лидија Павичевиќ, повикувајќи се на информација од син му Дарко Младиќ.
Младиќ од 2024 година се наоѓаше во притворската болница во Хаг, каде што во последната една и пол година беше постојано врзан за кревет поради тешки здравствени компликации. Српскиот генерал претрпе неколку мозочни удари, а имаше и сериозни кардиоваскуларни заболувања, висок крвен притисок, невролошки оштетувања и проблеми со бубрезите. Поради тоа, тој повеќепати беше хоспитализиран и подложен на повеќе медицински процедури и оперативни интервенции на срцето и ногата.
Механизмот за меѓународни кривични трибунали во Хаг претходно ги отфрли сите барања на неговата одбрана и семејството Младиќ од хуманитарни причини да биде пуштен на соодветно лекување и палијативна нега во Србија.
Хашкиот трибунал го отфрли барањето за предвремено ослободување на Ратко Младиќ
Претседателката на Механизмот за меѓународни кривични трибунали, Грасиела Гати Сантана, го отфрли барањето на одбраната на поранешниот командант на босанските Срби, Ратко Младиќ, за негово предвремено ослободување од хуманитарни причини – објави Радио Слободна Европа.
Одбраната на Младиќ на 18 август побара тој да биде ослободен и префрлен во болница или установа за палијативна нега во Србија поради лошото здравје, ризикот од непосредна смрт и желбата да помине повеќе време со семејството. Во својата одлука судијката Гати Сантана посочи дека хуманитарните причини не оправдуваат вака исклучителна мерка истакнувајќи дека Младиќ ја добива потребната медицинска нега во Хаг и има редовен контакт со блиските.
Таа истакна дека интересите на правдата не бараат ослободување, дури и при очекувана смрт, имајќи ги предвид целите на доживотната казна за тешки меѓународни злосторства, која мора да ја изрази осудата од меѓународната заедница. Со ова се потврдува претходната одлука од 14 мај кога трибуналот исто така одби привремено ослободување за осудениот генерал.
Ратко Младиќ беше уапсен во Србија во 2011 година, а во 2021 година Апелацискиот совет му ја потврди конечната казна доживотен затвор за геноцидот врз речиси 8.000 Бошњаци во Сребреница, опсадата и теророт врз Сараево, прогонот на Бошњаците и Хрватите и земањето припадници на ОН за заложници за време на војната во БиХ.
фото: архива




