Американскиот заменик-министер за одбрана за политички прашања, Елбриџ Колби изјави синоќа пред членките на НАТО дека Алијансата мора да се адаптира и дека е потребна „поевропски водена“ одбрана на континентот.

Пентагон врши притисок врз сојузниците на САД во НАТО да покажат дека ја зајакнуваат својата одбрана во Европа, додека Вашингтон го насочува своето внимание кон безбедносните предизвици поблиску до дома и во Индо-пацифичкиот регион, објавија светските агенции. Соединетите Американски Држави почнаа да ги намалуваат силите стационирани во Европа, а Пентагон започна преглед за да утврди колку длабоки треба да бидат понатамошните намалувања.

Силното американско присуство е клучно за способноста на НАТО да ги одврати противниците во Европа, како што е Русија. Намалувањата ќе зависат од тоа колку ефикасно европските сојузници и Канада ќе одговорат на барањата на САД за реформирање на НАТО. Тоа би значело преземање на конвенционалната одбрана на Европа. Соединетите Американски Држави би обезбедиле засилување, вклучително и нуклеарно оружје, само доколку е потребно. Прегледот би создал најмалку четири опции за министерот за одбрана Пит Хегсет, според документ во кој увид имаше Ројтерс.

Процесот поттикна прашања кај европските претставници за тоа дали американската администрација се стреми да го искористи прегледот како вистинска консултација, симболичен гест или преговарачка тактика.

„Веруваме дека за НАТО да преживее и навистина да напредува, мора да се промени“, им рече Колби на амбасадорите што ги претставуваат земјите-членки на НАТО за време на состанокот во седиштето на алијансата во Брисел.

„Ова не е тесен преглед само на локациите и базите, иако тие секако се важни. Напротив, тоа е поглед на нашата стратешка позиција тука во поширока смисла“, рече тој, додавајќи дека „тоа ќе охрабри, овозможи и ќе го поттикне преминот кон потрајна и посилна конвенционална одбрана на континентот предводена од Европа“.

Колби, исто така, го пофали напредокот во рамките на Алијансата и истакна дека Европа останува „критична област за Соединетите Американски Држави“.

„Консултациите и ангажманот се витален дел од овој преглед“, рече Колби и увери дека целта на Вашингтон е да го доведе „НАТО до пореална, соодветна за целта, соодветна за времето, поизбалансирана структура.

„И затоа во тој дух ќе продолжиме да ја преиспитуваме нашата позиција во Европа“, додаде Колби.