Потрошувачката на електрична енергија во Хрватска летово ја надмина онаа во зимскиот период, а во август е регистриран историскиот максимум со часовна потрошувачка од 3.400,5 мегават-часови (MWh), покажуваат податоците на Хрватскиот оператор на преносниот систем (HOPS).
Мегават-час односно MWh, е единица за количина потрошена или произведена електрична енергија. Еден MWh е еднаков на илјада киловат-часови (kWh), единицата што граѓаните најчесто ја гледаат на сметките за електрична енергија.
Податоците покажуваат дека во последните години се променил односот меѓу летните и зимските пикови на потрошувачката. Порано потрошувачката била најголема во зима, но разликата постепено се намалувала поради потоплите зими наспроти се потоплите лета и зголемената туристичка потрошувачка. Во меѓувреме, летните максимуми ја надминале зимската потрошувачка, посочуваат од HOPS.
Најголемата часовна потрошувачка во текот на зимата 2023/2024 година изнесувала 2.905 MWh, во зимата 2024/2025 година се зголемила на 3.052 MWh, а минатата зима достигнала 3.264,2 MWh.
Летниот максимум во 2024 година изнесувал 3.362,8 MWh, минатата година 3.150,1 MWh, додека во август годинава е достигнат историскиот максимум од 3.400,5 MWh.
Иако јули годинава не донесе рекордно ниво на месечна потрошувачка, податоците за првите седум месеци покажуваат дека потрошувачката на електрична енергија постепено расте.
Од јануари до крајот на јули 2024 година во Хрватска биле потрошени 10,436 милиони MWh електрична енергија. Во истиот период во 2025 година потрошувачката изнесувала 10,530 милиони MWh, а годинава достигнала 10,632 милиони MWh.




