Слободан ИВАНОВ за МИА

„За нас Македонците не е време да се делиме на класи и партии. Треба сите заедно да се бориме за да ги извојуваме основните човекови права и политичката слобода, а на крајот да се бориме и за социјална правда. Но и оние што избрале друг пат – да внимаваат само да не ни пречат во преземената нерамна идејна борба за слободата на Македонија“, пишува Тодор Александров до Тодор Андреев на 31 јули 1924.

Тодор Александров, убиен на денешен ден 1924 година, е една од најзначајните и највпечатливи фигури во македонското револуционерно движење и во македонската национална историја. Значајно е, на пример, тоа што, според спомените на револуционерите и други сведоштва, Александров бил посветен борец за независна македонска национална држава и херој на македонската нација. Изјавите за странските весници само го потврдувале Александров пред Европа и светот – како македонски националист, односно националпатриот, т.е. македонски национален деец и борец за независност на Македонија.

– Тодор Александров, независно од неговата активност, која не секогаш беше на линијата на прогресот, имаше големо влијание врз масите. Веројатно поради односот што го имал со луѓето, поради аскетскиот живот што го водел, како што се зборуваше, и поради други работи. Но мора да се има предвид и еден друг момент. А тоа е дека тој, сепак, се оформил како револуционер во Македонската револуционерна организација, која во основа имала цел ослободување на Македонија – ќе рече во една пригода генералот Михаило Апостолски, партизан, народен херој, историчар и втор претседател на МАНУ.

Атентатот на Тодор Александров се случил на 31 август 1924 година кај селото Лопово на планината Пирин. Тој патувал кон местото на кое дента требало да се одржи конгрес на Серскиот револуционерен округ на ВМРО-Автономистичка заедно со генералот Александар Протогеров, четникот Панајот (Панзо) Зафиров, кој му бил телохранител на Александров, и војводите Штерју Влахов и Динчо Вретенаров. Во близина на с. Горна Сушица групата запрела за одмор, па тогаш кон нив се приклучиле Динчо Сугарски и Динчо Балкански како курири – патоводичи на ВМРО. Александров, по предлог на Влахов, му ја дал својата пушка на Сугарски да му ја носи. По продолжувањето на патот, при следната починка во близина на Лопово, Влахов и Вретенаров отвориле оган одзади кон Александров, при што овој бил погоден со најмногу 4 куршуми, од кои еден завршил и во неговата глава.

Истрелите го разбудиле задреманиот Панзо, па тој се обидел да ја дофати својата пушка, но во тој миг бил смртно застрелан од страна на Динчо Балкански. Генералот Протогеров бил во непосредна близина, ама на него не било стрелано и го оставиле жив. Тодор и Панзо починале на местото на оружениот напад.

ЧИНОТ НА УБИСТВОТО И ДИРЕКТНИТЕ УЧЕСНИЦИ: ГРУПАТА НА АЛЕКО ПАШАТА И ПОЛКОВНИКОТ АТАНАСОВ

Убиството на Тодор Александров било голема пресвртница во револуционерната дејност и натамошното дејствување на ВМРО. Врз основа на познатите и расположливите архивски документи, материјали, зборници, монографии, спомени и весници од тоа време, може да се издвојат два дела за самиот чин на убиството на Александров.

Така, според историчарот проф. д-р Никола Жежов и неговата монографија за атентатот – „Една стогодишна тајна“, првиот дел ја конструира и објаснува неоспорната теза за речиси целосната точност за текот на атентатот, т.е. потврдените учесници и извршувањето на планираното убиство. Овој дел од настанот на 31 август 1924 е целосно јасен и нема речиси никакви непознавања. Актот бил планиран и внимателно подготвен во распон од неколку недели – можеби и повеќе од еден месец. Фактите и аргументите со кои располагаме се недвосмислени и точни. Од мигот кога Александров го ставил својот потпис на Мајскиот манифест, првин почнале индиректни, а потоа и директни подготовки за неговата физичка ликвидација. Она што е неоспорно, прецизно и точно докажано е кругот на потврдени заговорници и учесници во директните настани во врска со убиството.

Бројката се сведува на шестмина. Акцијата ја раководеле и координирале Алеко Василев-Пашата, по потекло од Долна Џумаја, Серско, денес во Беломорска Македонија, и полковникот Георги Атанасов, кој бил родум од Велико Трново, Бугарија. Нивното учество го потврдуваат сите записи, како и директни и индиректни податоци. Натаму, вториот ешалон во тој заговор го сочинувале Штерју Влахов, Динчо Вретенаров, Динчо Балкански и Динчо Сугарски, кои пукале и ги убиле Тодор Александров и неговиот телохранител на самото место на атентатот. Писмата испраќани меѓу нив, документацијата и сведоштвата на очевидците на настанот потврдуваат дека оваа група од 6 лица била добро координирана и имала претходно прецизно утврден план за убиството на Тодор Александров.

За тоа дека Алеко Пашата имал планови против Александров, покажува и една средба со Георги Занков на 13 јули 1924 година во Софија, при што војводата на Серскиот револуционерен округ на ВМРО во разговорот бил многу директен.

– Молчете до конгресот на кој ние ќе го вразумиме Тодор или,, пак, нема да го избереме. Но, решени сме да се ослободиме од неговите произволности за кои, ако не се одрече, може и друго нешто да го снајде – рекол Пашата.

Но, се чини, Алеко Пашата имал, пред сѐ, лични побуди за непријателство со Александров. Имено, тој знаел за намерите на Тодор на претстојниот конгрес во Серско да ги стави на претрес наводите за претерано трошење пари од организациската каса од страна на Пашата и во таа смисла неговото очевидно брзо збогатување, но и казната за можното расипништво. По сѐ изгледа, Пашата никако не сакал Александров да стигне на закажаниот конгрес, па неколку седмици претходно се приклучил во заговорот.

Случајот со полковникот Георги Атанасов е навидум помистериозен, според Жежов. Тој некако се наоѓал во втор план во однос на Пашата, но никако не треба да се потценат врските на Атанасов со бугарските офицерски кругови. Тоа не треба да изненадува зашто Атанасов имал воен чин од бугарската војска. Врските и пријателството на Атанасов со воените кругови датираат уште од времето на комунистичкото септемвриско востание во Бугарија во 1923 година. Доказ за тоа е писмото на Атанасов до поручникот Димитар Радев од 29 септември 1923, во кое Атанасов им дава поддршка на бугарските власти и многу јасно говори за врските со бугарските офицери – со имиња и презимиња, иако тогаш и ВМРО била заинтересирана за соработка со бугарската армија. Сѐ на сѐ, токму тогаш Атанасов си создал силни врски со офицерите, кои подоцна можеби му користеле во подготовките за ликвидацијата на Тодор Александров.

Спомнувањето конкретни имиња на бугарски офицери говори дека Атанасов со тие веќе создадени цврсти и блиски врски сакал и да го зацврсти своето место во ВМРО. Таа офицерска врска му овозможила и да му се спротивстави на Александров, кога, слично како со случајот со Алеко Пашата, станувале сè погласни обвинувањата и против Атанасов за вмешаност во самоволие, корупција и проневери на пари на Организацијата. Сепак, според Жежов, Александров ги имал таквите сознанија, но сè уште настојувал на добри односи со Атанасов, а голема е веројатноста и дека ја проверувал вистинитоста на овие наоди и наводи.

Одлево надесно: полковник Георги Атанасов, Александар Протогеров
и Александар (Алеко) Василев-Пашата (легнат)

Дали Тодор Александров знаел за ваквите конкретни „офицерски врски“ на Георги Атанасов – со имиња и презимиња, не може со сигурност да се тврди. Проф. Жежов истакнува дека единствено сигурно е тоа дека Александров знаел оти, поради воениот чин од бугарската армија, Атанасов имал контакти со воените лица. Но, тоа не требало да претставува изненадување за Александров, кој, логично, би сакал да ги исползуваат во корист на ВМРО. Преписките Александров – Атанасов се одвивале нормално и ништо не укажува на евентуална нарушена доверба меѓу нив. Немало, значи, некое поголемо сомневање од страна на Александров за евентуална вмешаност на Атанасов во заговор против него.

Инаку, Георги Атанасов имал и други лични мотиви да дејствува против Тодор Александров. Во тоа време полковникот ѝ ја побарал раката на сестрата на својот надреден во ВМРО – Коца Александрова и сè тоа ќе се завршело во најдобар ред ако тој веднаш потоа не побарал пари од семејството Александрови заради трговија, што било одбиено. Следствено, свршувачката меѓу Атанасов и Коца била откажана. Таа случка имала силно влијание врз Атанасов, кој по настанот се обидувал на секаков начин да му се одмазди на Тодор зашто со чинот на откажувањето на свршувачката, смета Жежов, на Атанасов му била повредена личната суета.

ПРОТОГЕРОВ И МИХАЈЛОВ

Вo вториот дел од реконструкцијата на настанот може да се утврди, со делумна точност, земајќи ги предвид расположливите податоци и искористената архивска документација, текот на дејствата и сѐ што му претходело на атентатот, но и што следувало подоцна.

Повеќето од неоспорните факти укажуваат и на извесна вмешаност на генералот Александар Протогеров во индиректните планови за отстранувањето на Александров од раководното место во ЦК ВМРО. Протогеров бил сведок на убиството на Александров, но заговорниците го оставиле жив и не пукале на него, што е доказ за неговата некаква поврзаност со нив. Секако, последните месеци пред убиството Протогеров бил во лоши односи со Александров и податоците укажуваат дека бил заинтересиран за неговата смена во ЦК ВМРО. Исто така, потврдени се и врските на Протогеров со бугарската Воено-офицерска лига, која отворено изјавувала дека го посакува убиството на Александров, што и генералот го прави соучесник, иако, според документите – само индиректно – нагласува Жежов.

Сепак, нема писмен доказ, ниту усно сведоштво или каков било спореден документ за тоа дека Протогеров наредил ликвидација, поточно убиство на својот колега од ЦК – Александров. Како и за сѐ друго, и тука се потребни посолидни и поцврсти показатели, наоди и докази.

„Интересен е фактот што и покрај документираното образложение за учеството на Протогеров во убиството на Александров, Седмиот конгрес во 1928 година донел решение и „во иднина да се бараат и казнат виновниците за убиството на Тодор“. (ВМРО-Михајловистичка го убива Протогеров две недели пред Седмиот конгрес, н.з.) Во согласност со ваквото решение, се заклучува дека и новото раководство на ВМРО ќе продолжи да казнува нови евентуални „преживеани учесници“ во плановите за убиството на Тодор Александров. Фактички, и по тој Конгрес на ВМРО не било целосно затворено прашањето со казнуване на виновниците за убиството на Александров. Прашањето за убиството на Тодор Александров и натаму претставувало многу важно за ВМРО, посебно за Ванчо Михајлов, кој ова горливо прашање го поставувал секогаш кога имал планови да се пресметува со неговите противници во Организацијата. Секако, останува голем прашалник – дали веќе на листата имало вистински осомничени членови на Организацијата кои на каков било начин имале поврзаност со настанот од 31 август 1924. Веќе биле поминати скоро 4 години од убиството на Тодор Александров и многу релевантни докази биле и намерно уништени од страна на вистинските заговорници. Дел од доказите, ако не биле уништени, внимателно се чувале од очите на јавноста. Тодор Александров е клучната личност во ВМРО и откривањето таква документација можела да предизвика тектонски поместувања и во самата хиерархија на Организацијата, но и сред многуброните македонски организации во Бугарија“ – пишува проф. Жежов.

Значи, со одредена точност може делумно да се објасни и неучеството на Иван (Ванчо) Михајлов во плановите за убиството на Тодор Александров, но нема сомнеж дека Ванчо го искористил атентатот отпосле, за физичка елиминација на соперниците и сите кои ги сметал за закана по својата кариера и стремежот за неограничена власт и култ кон својата личност како единствен, неприкосновен и недопирлив властелин во ВМРО-Терористичка. И покрај разузнавачките (подоцнежни) наводи, како и независни сведоштва кои го поврзуваат Ванчо со атентатот врз Александров, според истражувањето на Жежов, нема првостепени и второстепени историски извори што би потврдиле дека Михајлов имал учество во настанот од 31 август 1924 година.

– Точно е дека Михајлов искористил дел од сознанијата од истражните дејствија на ВМРО да се пресмета со дел од неистомислениците под обвинение дека учествувале во планирање на убиството на Тодор Александров, но не дојдовме до релевантни податоци дека тој учествувал во трагичниот настан – вели проф. Жежов.

„Како еден од индиректните докази за тоа дека Ванчо Михајлов не се согласувал со Александров може да биде и сведоштвото на Стојан Неговански кој во своите спомени истакнува дека и Михајлов соработувал со воените кругови. Според Неговански, Ванчо како секретар на Тодор Александров ја фотографирал целата негова кореспонденција и jа носел на воените лица. Зошто Ванчо Михајлов би jа носел целата документација на увид на воено-офицерските кругови, може само да се претпостави, но ако ова сведоштво е точно, тогаш со сигурност може да се потврди дека бугарското офицерство ги знаело сите доверливи работи во ВМРО. На таков начин Ванчо Михајлов си создавал цврсти врски со Воено-офицерската лига во Бугарија“ – појаснува Жежов.

Историчарот ја истакнува и блискоста на Ванчо со Иван В’лков – министер за војна на Бугарија, за којашто знаел и Протогеров, како фактор на отворен сомнеж за вмешаност на Михајлов или индиректна негова улога во заговорот против Александров.

СССР, КОМИНТЕРНАТА И БУГАРСКО-МАКЕДОНСКИТЕ КОМУНИСТИ

„Сè додека сум нa чeлo на Организацијата, таа на секој можен начин ќе се бори против комунизмот којшто, лично, го сметам за извонредно штетен за националното македонско движење“ – изјавил Тодор Александров. Ставот е објавен токму во деновите кога е извршен атентатот, во напис на британскиот весник „Тајмс“ којшто и неколку месеци претходно пренесувал слични изјави на „Александров од Македонија“.

Податоците од документите, спомените и сведоштвата потврдуваат дека и дел од македонските левичарски дејци имале познанства и контакти со групата на Пашата и Атанасов, а имале и сознанија за некаков заговор против Тодор Александров, но не постои ниту еден релевантен и потврден документ којшто укажува дека директно имале сознанија или учествувале во плановите за убиство на Тодор Александров, смета Жежов.

„Во овој дел од научното објаснување за убиството на Тодор Александров каде што делумно можат да се потврдат настаните, е недвосмислениот однос на БКП, Коминтерната и СССР кои отворено повикувале на отстранување на членот на ЦК од неговото раководно место во ВМРО, па дури и во своите прогласи, писма и извештаи создавале расположение и за физичка ликвидација на истиот. Комунистичките фактори воопшто не крие­ле дека се заинтересирани за преземањето на ВМРО однатре, а тоа можело да се случи само со убиство односно физичка ликвидација на Тодор Александров. Тоа ги прави комунистичките фактори координирани од Советската влада во Москва и комунистичкиот центар во Виена – ’интелектуални убијци’ на Тодор Александров. Ваквата теза ја потврдуваат документите од комунистичките партии во архивите во Москва, Виена и Софија. Сепак, не постои расположлив примарен, секундарен или терцијарен историски извор каде што стои дека различните комунистички фактори и директно учествувале во осмислувањето и извршувањето на убиството на Тодор Александров“ – појасни Жежов.

Историчарот наведува дека иако Александров бил убеден антикомунист со десничарски политички погледи, тој во 1923. ги направил првите потези за зближувањето со СССР, Коминтерната, македонските и балканските комунисти. Димитар Влахов, кого Александров го назначил за преговарач на ВМРО со Советите, ги пренесува зборовите на водачот на Организацијата. Имено, Александров рекол дека „не е против комунистите, туку е за независна Македонија; и сакал Советска Русија да го поткрепи македонското движење за независна и обединета Македонија“, според Влахов.

Во тој миг, Александров имал невообичаено безрезервна доверба во Влахов, смета Жежов. Доказ за тоа е и високото признание – значка од ВМРО за Влахов, потпишана лично од неговиот дотогашен пријател и близок соработник.

Александров ги ополномоштил другите двајца членови на ЦК: Александар Протогеров и Петар Чаулев, на 6 мај 1924, и во негово име да го потпишат Мајскиот манифест, којшто, обраќајќи се до „браќата Македонци“, јасно говори за независна и самостојна држава Македонија и за одделен македонски народ. Александров побарал од Влахов и другите партнери во овој процес, и настојувал – да не го објавуваат Манифестот, додека не созреат приликите за тоа. Сметал дека со предвременото објавување, во прашање се доведува и неговата лична безбедност, но и судбината на ВМРО.

Но, фактографијата говори дека Советите, Коминтерната, како и Балканската комунистичка федерација (БКФ) имале скриена намера: да ја преземат ВМРО однатре. А, тука, Влахов одиграл клучна улога следејќи ја политиката на Коминтерната. Комунистите и левичарите, просто, не го гледале Александров како свој човек. И тука, истакнува Жежов, почнале политичките игри за смена на десничарот – „прв човек“ на ВМРО, со помош на членови-левичари, како што се Тодор Паница (федералист), Константин Јанков (комунист, не бил член на ВМРО, но е со македонско потекло), Димо Хаџи Димов, но и политички индиферентни опортунисти како Алеко Пашата или полковникот Атанасов кои го гледале зближувањето со левичарството само како корист за нешто друго.

Според извештаите на Јанков, Александров настојувал да не ги прекинува односите со бугарската десничарска Влада на Александар Цанков, и таа политичка линија за комунистите значела дека Александров мора да се отстрани од ВМРО.

Така, само една недела по потпишувањето на Манифестот, Ѓорѓи Димитров го свикал Президиумот на БКФ и комунистите почнале со нагло повлекување на својата поддршка кон Александров, но и со негова дискредитација. Следствено, водачот на ВМРО бил прогласен за неподобен.

Александров знаел за намерите за објавување на Мајскиот манифест, па направил сѐ што е во негова моќ да го спречи тоа. За таа цел, има преписка, а се среќавал и лично со Македонецот Константин Јанков како член на ЦК БКП, но одржувал контакт и со други комунисти. Сепак, не успеал. Димитар Влахов, СССР и Коминтерната кон крајот на јули го објавиле Манифестот.

Тука, објективниот историчар забележал дека левичарот Јанков ја сфатил искрената намера на десничарот Александров, па и двајцата искрено влегле во разговорите меѓу ВМРО-Автономистичка и БКП тоа лето, со цел да се договорат – во корист на македонското револуционерно дело. Но, други фактори не сакале таков договор.

Важно е да се напомни дека во извештај од октомври истата таа 1924 година, БКП ја признава грешката со одлуката за прераното објавување на Мајскиот манифест.

Избрзаното објавување на Манифестот, по насоките и дејствувањето на Димитар Влахов, е директен повод за убиството на Александров. Но, како што судскиот процес во Италија, против Димитар Стефанов – атентаторот на Петар Чаулев, посочил само „индиректно учество“ на Чаулев во атентатот на Александров, така и историографијата досега ги означи Влахов и левичарско-комунистичките групи само како „морални убијци“ на тогаш најистакнатиот водач на ВМРО, без да посочи конкретен нарачател, учесник или организатор на атентатот меѓу тие групации.

БУГАРСКАТА ВОЕНО-ОФИЦЕРСКА ЛИГА

„Делото на ВМРО треба да се создава внатре во Македонија – на македонска почва, и да ја запази својата самостојност. Тоа мора да биде далеку од секое влијание. На бугарска територија – ВМРО не треба да постои“ – пишува Ѓорѓи Поп Христов, наследник на Александров во ЦК ВМРО, во своите „Спомени“.

Следна е улогата на Воено-офицерската лига на Бугарија и бугарската влада на Александар Цанков во плановите за убиството на Тодор Александров. Неспорниот дел од овој дел од тезата е дека бугарски офицери и луѓе блиски до бугарската власт им помагале на директните учесници во убиството. Не се познати, единствено, точните имиња на членовите на воената групација и постојат повеќе претпоставки што се однесуваат на таа тема. Голем број податоци од документи докажувале дека одредена група бугарски офицери отворено поттикнувале насилна смена на Александров од раководното место во ЦК ВМРО. Главниот мотив за таквото однесување на бугарските воени лица била новата политика на ВМРО кон македонското прашање и потписот што Александров, иако индиректно, сепак го ставил под содржината на Мајскиот манифест.

– Тодор Александров станал пречка за остварување на бугарските национални и државни стратегии кон Македонија, и за бугарското офицерство – ќе нагласи Жежов.

И самиот бугарски премиер Александар Цанков, како и други владини службеници биле заинтересирани Александров да биде отстранет од челното место во ВМРО и таквите ставови воопшто не ги крие­ле, туку јавно или во писмена документација ги соопштувале непосредно пред неговото убиство. Во таа смисла, се спомнува и вербалното непријателство на Александров со бугарскиот министер за внатрешни работи, Иван Русев – еден од најблиските луѓе до Цанков. Тука фигурира и името на Христо Калфов – министер за надворешни работи и, исто така, многу близок соработник на Цанков, кој јавно се препукувал со ВМРО и Александров, но и други луѓе од Владата. Во однос на посочувањето на бугарската влада на Цанков како главен иницијатор за отстранувањето (или убиството) на Александров, треба да се има предвид и односот на Воено-офицерската лига кон ВМРО, којшто во голем дел бил поволен, но имало и по некој „камен на сопнување“ тука и таму.

Македонско-канадскиот историчар Ендрју Росос смета дека токму горе споменатиот близок соработник на Ванчо Михајлов – бугарскиот воен министер и разузнавач Иван В’лков е „мозокот на операцијата“ за убиството на Александров, а бил поддржан од Цанков. Самиот В’лков подоцна го посочува Русев како човек кој ја решил судбината на Александров.

– Таквите ставови на бугарското офицерство и бугарската влада создавaле основа за големо незадоволство и на дел од бугарската општествено-политичка јавност кон Тодор Александров. Дел од документацијата покажува и дека некои бугарски офицери и членови на бугарската влада се познавале и се среќавале со директните убијци на Александров, што претставува факт дека државно-политички фактори биле заинтересирани за успешен исход на заговорот од 31 август 1924. Тоа ја прави ни помалку, ни повеќе, Бугарската влада на Александар Цанков – соучесник во плановите за убиството на истакнатиот член на ЦК ВМРО – подвлече проф. Жежов.

Британскиот Форин офис ја доловува целата ситуација во Бугарија за време на Владата на Александар Стамболиски и потоа. Во еден дипломатски извештај се вели:

„Моќта на Организацијата е неспорна, доказ за тоа е смртта на г-н Стамболиски, единствениот бугарски премиер по војната којшто се осмели да работи за зближување со Југославија. Извесно е дека влијанието на Организацијата врз сегашната бугарска влада е огромно. ВМРО води неизбежна војна против српската власт во Јужна Србија со средства на терор и насилство и бугарската влада е немоќна да го запре тоа“.

– Ваквите ставови и начин на борба на ВМРО и Тодор Александров создавале уверување кај бугарската влада дека членот на ЦК треба да биде елиминиран од раководството на ВМРО – појасни Жежов.

Иако, како што видовме погоре, Коминтерната и БКФ му забележувале на Александров што сѐ уште не ги прекинува односите со Цанков и десничарската бугарска влада, тие односи веќе во јули 1924 биле затегнати до крај.

– Печатот на ВМРО е подобро да биде закачен на некоја бука во Македонија, отколку да стои на која било маса во Софија – изјавил Александров на 13 јули, пред пријатели и соборци.

Членот на ЦК ВМРО, инаку, се обидувал да ја докаже својата антикомунистичка ориентација пред бугарските владини претставници. Тодор Александров се наоѓал меѓу два огна: контактите со комунистите и Коминтерната и бугарската државна политика кон Македонија. По средбата одржана на 28 јули 1924, меѓу членовите на ЦК и бугарскиот министер Димо Казасов, последниов во своите белешки го пренесува образложението на Александров.

– Вистина е, ние преговаравме со федералистите и комунистите, постигнавме договор со нив и го потпишавме заедничкиот манифест. За нас тој договор не беше цел, туку начин да го привлечеме европското јавно мислење врз македонското прашање. Бидејќи Англија и Франција се малку чувствителни и љубоморни за секој чекор што Русија го прави кон Балканот, ние знаевме дека еден наш договор со комунистите ќе им го погоди најчувствителното место и тие ќе ги упатат погледите кон нас, кон Македонија, кон Бугарија и кон Организацијата. И ние не се излажавме. Тие се возбудени од нашиот договор. Ние си ја постигнавме целта. Договор веќе не ни е потребен – рекол Александров.

На 30 јули во разговор меѓу Александров и охриѓанецот Ангел Узунов, Тодор кажал нешто друго. Узунов ги пренесува зборовите на Александров:

– Му дадов добри вести… За него и неговите пријатели што го пратиле. Нашата историја со болшевиците ги исплашила, но тоа е убаво… Нека си имаат обетка на увото.

Сѐ на сѐ, после Мајскиот манифест бугарските власти и воените кругови биле најзаинтересирани за елиминација на Александров. Спомнувањето на најмалку три министри на Цанков во можниот заговор е јасен показател, но сѐ тоа го дополнува однесувањето и на следните бугарски влади и податокот дека, на пр., премиерот Георги Ќосеиванов во 1930-тите го забранил чествувањето на ликот и делото на Александров, како и самото одење на неговиот гроб.

– Бугарските власти во Македонија и меѓу Македонците на секаков начин се обидувале да го згаснат споменот на ВМРО и на Тодор Александров. Ликот на Александров веќе не им бил потребен на властите во Софија, затоа што го потсетувал македонскиот народ дека покојниот член на ЦК ВМРО својот авторитет и углед кај поголем дел од Македонците го изградил со јасната платформа дека главната цел на Организацијата била создавање посебна македонска држава. Таков спомен за Тодор Александров веќе не бил потребен и затоа бугарската власт се обидувала со секакви мерки да го испрати во заборавот на историјата. И мртов, Тодор Александров не се вклопувал во плановите на бугарската државна стратегија по однос на Македонија и македонското прашање. И покрај сè, популарноста на Тодор Александров кај поголем дел од Македонците и натаму била огромна, а неговото име се споменувало и меѓу членството на веќе расформираната ВМРО. Девизата на ВМРО – „Слобода или смрт“, се дополнувала со мислата: „Тодор Александров е мртов, да живеат Тодоралександровци“ – потсетува Жежов.

Директните учесници во планирањето и убиството на Тодор Александров, Организацијата за брзо време ги егзекутирала. И оние личности за кои новото раководство на ВМРО сметало дека се организатори и иницијатори на убиството, биле фатени и казнети. Како такви ВМРО ги утврдила и посочила Алеко Пашата, Георги Атанасов и нивните соборци, а подоцна во 1928 година било покренато обвинение за учество во заговорот и кон вториот член на ЦК, Александар Протогеров кој, исто така, бил ликвидиран од атентатори на ВМРО-Терористичка.

– Сепак, и покрај сите овие потврдени тези и мислења што се засновани на научни истражувања и расположливи податоци, историската наука и натаму со целосна сигурност не може да го утврди точниот нарачател на убиството на Тодор Александров. Тоа останува една од последните тајни за трагичниот настан што ја смени историската патека на ВМРО. Можеби тој таен документ постои некаде, во некој сè уште неотворен архивски фонд или во некоја приватна збирка на историски документи и чека да биде откриен од љубопитното око на историчарот. Сè дотогаш идентитетот на вистинскиот нарачател на убиството на Тодор Александров ќе остане една од најголемите тајни во историјата на ВМРО – заклучи проф. Жежов.

Науката работи со архивска документација, објавени и необјавени историски извори, но барем досега не е пронајдена ниту една првостепена белешка или запис што би го потврдиле и докажале нарачателот, налогодавачот или наредбодавецот за убиството на Тодор Александров.  си/дј