Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски денеска оствари работна средба со Раул Медина, генералниот директор на ЕВРОКОНТРОЛ.
Присутни на средбата беа и Драги Стојаноски, директор на Агенцијата за цивилно воздухопловство и Владимир Ристески, директор во М-НАВ.
На средбата беше разгледа досегашната соработка со ЕВРОКОНТРОЛ и можностите за нејзино унапредување, со посебен фокус на зајакнување на капацитетите на воздухопловните власти во Македонија.
Заменик претседателот на Владата, Николоски, истакна дека државата во континуитет работи на развој на техничките и оперативни капацитети на Агенцијата за цивилно воздухопловство, како и на Македонската Навигација, при тоа се работи на План за унапредување и зајакнување на човечките ресурси, со цел системот да одговори на зголемените потреби и очекуваниот понатамошен раст на сообраќајот.

Токму во таа насока политиките и мерките што ги презема Владата се насочени кон унапредување на оперативноста и капацитетите на воздухопловните власти, како и кон создавање услови за понатамошен одржлив развој на цивилниот воздушен сообраќај.
На средбата беше потенцирано и дека Македонија бележи силен развој на авиосообраќај и по број на операции и по број на патници, што претставува значаен придонес за подобрување на поврзаноста на земјата, влез на нови авиокомпании и отворање нови можности за граѓаните и економијата.
Вицепремиерот Николоски информираше и дека со новиот радарски систем кој е веќе инсталиран се очекува дополнително да се зајакнат техничките капацитети за управување со воздушниот сообраќај.

На средбата беше потврдена важноста од продолжување на соработката со ЕУРОКОНТРОЛ насочена кон националните приоритети на државата која до сега се реализира преку Програмата за поддршка на државите, а во насока на унапредување на безбедноста, ефикасноста и квалитетот на воздушниот сообраќај.
Посетата на директорот на ЕВРОКОНТРОЛ во Македонија е дел од состанокот на воздухопловните власти на земјите од регионот во организација на Агенцијата за цивилно воздухопловство.




