Градиме мост и кружен тек во Сарај – Скопје добива нов влез. Нема повеќе заборавени населби, запоставени општини и поделби на важни и помалку важни граѓани, истакна градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

-За нас, Скопје е една целина и секој негов дел заслужува еднаква грижа, современа инфраструктура и вистински развој. Градиме таму каде што со години не се градело. Поврзуваме места што предолго биле инфраструктурно запоставени и создаваме град во кој развојот не завршува во центарот, туку стигнува до секоја општина, населба и дом. На последната седница на Советот на Град Скопје, со ребалансот на Буџетот обезбедивме средства за реализација на еден исклучително значаен капитален проект – изградба на нов мост и кружен тек што ќе ја поврзат Општина Сарај со Ѓорче Петров и ќе создадат нов, современ влез во главниот град, посочи тој.
Проектот предвидува кружен тек со две сообраќајни ленти и челичен мост со должина од 110 метри.

-Вкупната должина на новото булеварско решение, заедно со кружниот тек и мостот, изнесува 1.172 метри. Од двете страни ќе бидат изградени велосипедски и пешачки патеки, како и тактилни патеки за слепите и слабовидните лица. Создаваме современа, безбедна и целосно пристапна инфраструктура, наменета за возачите, велосипедистите и пешаците, за сите граѓани подеднакво. Со оваа инвестиција ќе обезбедиме ново и директно сообраќајно поврзување меѓу Сарај и Ѓорче Петров, полесно и побезбедно движење, подобра сообраќајна поврзаност и нова развојна перспектива за целиот западен дел на Скопје. Ова е мост што поврзува општини, населби и луѓе, истакна Ѓорѓиевски.

Мост што ги надминува поделбите, ги скратува растојанијата и отвора нови можности за развој.

-Скопје се развива рамномерно. Скопје добива нов лик и сигурно чекори напред! Ќе продолжиме да градиме со јасна визија, одговорност и љубов кон секој дел од нашиот град.
Скопје го градиме заедно. Посветено за градот убав, порачува скопскиот градоначалник.




