Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, денеска на прес-конференција направи отчет за реализираните и започнатите проекти во општината од октомври 2025 година до денес.

Митески посочи дека по добиената доверба од граѓаните, заедно со својот тим работи на решавање на конкретните проблеми и создавање подобри услови за живот во сите населби.

-Општината не се гради со зборови. Се гради со работа. А резултатите од таа работа треба да се гледаат таму каде што најмногу значат – во секојдневниот живот на граѓаните, истакна Митески.

Како еден од најголемите инвестициски зафати ја посочи реконструкцијата на сообраќајната инфраструктура. Обезбедени се 138 милиони денари за реконструкција на 18 улици со вкупна должина од 5,4 километри.

Целосно е реконструирана улицата „Симеон Кавракиров“ во Мичурин, додека во Горно Лисиче се реконструира улицата „Лисец“, заедно со левиот и десниот крак. Во соработка со Град Скопје е поставена и нова водоводна мрежа.

Реконструирани или опфатени со инфраструктурни зафати се и повеќе краци од улиците „Ѓорѓи Капчев“ и „Тодор Чангов“, како и делови од „Богомилски поход“ и „Гаврил Константиновиќ“, а се уредуваат и плочници во Ново Лисиче.

Посебно беше издвоена реконструкцијата на улицата „Фрањо Клуз“ во должина од еден километар, реализирана во соработка со Град Скопје. На кракот од булеварот „Трета македонска бригада“ е поставено и ново улично осветлување.

Митески најави и ново улично смарт-осветлување, со цел создавање поефикасен и поекономичен систем.

Значајни инвестиции има и во водоводната инфраструктура. Во Горно Лисиче е поставена нова водоводна мрежа во должина од 1.000 метри на улицата „Божидар Рајковиќ“, проект вреден 12 милиони денари, обезбедени со средства од Владата.

Во Долно Лисиче, пак, се работи на унапредување на водоводната мрежа, а во тек е и изградбата на првата спортска сала во населбата.

Инвестиции во училиштата и децата

Меѓу приоритетите на Општина Аеродром е и образованието.

Во јануари беше пуштен во употреба новиот објект на ООУ „Блаже Конески“, а во тек е втората фаза која опфаќа доградба на училиштето, изградба на спортска сала, спортски терени и уредување на училишниот двор.

Во ООУ „Александар Македонски“ во Реонски центар се создадени услови за комплетна едносменска настава, додека во ООУ „Димитар Македонски“ во Лисиче учениците од шесто до деветто одделение преминаа во едносменска настава.

Во ООУ „Гоце Делчев“ во Горно Лисиче, пак, училиштето се проширува со шест нови училници и две канцеларии.

Паралелно се воведуваат топлински пумпи, фотоволтаични системи и други мерки за енергетска ефикасност.

Општината обезбедува и учебници, бесплатни ученички униформи, смарт-табли и таблети за учениците од четврто одделение.

На првенците на генерацијата и најдобрите наставници од основните училишта во Аеродром им се доделени признанија и по 10.000 денари парична помош.

Инвестициите продолжуваат и во детските градинки. Започната е постапка за урбанизација и проектирање на првата детска градинка во Долно Лисиче.

Со проширувањето и надградбата на објектот „Изворче“ во Стар Аеродром се создава простор за повеќе од 400 деца, додека по 33 години е реконструиран горниот кат на објектот „Буба Мара“ во Ново Лисиче.

Во „Бамби“ е поставена нова термофасада, а во детските градинки се спроведуваат и активности за подобрување на хигиената, дезинфекцијата и квалитетот на воздухот.

Посебен акцент е ставен на децата со атипичен развој, аутизам, развојни потешкотии и попреченост, за кои се обезбедуваат бесплатни индивидуални логопедски и дефектолошки третмани.

Поддршка за младите и семејствата

Митески се осврна и на мерките за поддршка на семејствата.

Продолжува финансиската поддршка за семејствата со новороденчиња и првачиња, а воведена е и мерката „Нула комуналии – прв дом за млади“, со која младите до 35 години се ослободуваат од плаќање комуналии при создавање на својот прв дом.

-Ова е порака до младите: останете тука. Создавајте тука. Градете го својот дом во Аеродром, порача градоначалникот.

Поддршка е обезбедена и за пензионерите, преку официјализирана соработка со Здружението на пензионери Аеродром.

Над 600 тони отпад исчистени

Во делот на комуналната хигиена, во првите месеци од мандатот се исчистени повеќе од 600 тони отпад, како и голем број диви депонии.

Започната е и системска селекција на пластичен отпад директно од домаќинствата, засега во повеќе од 100 домаќинства, со план за постепено проширување.

Набавена е нова механизација за одржување на зелените површини, а редовно се организираат и акции за бесплатно собирање кабаст отпад.

Митески посочи дека проблемот со „Вардариште“, иако се наоѓа надвор од територијата на Општина Аеродром, преку соработка со Град Скопје и Општина Гази Баба повеќе не претставува проблем за жителите на Аеродром.

Во Ново Лисиче е поставен нов систем за полевање во должина од 2,5 километри со повеќе од 300 прскалки, а низ општината се поставени и повеќе од 300 нови клупи и друга урбана опрема.

Нови игралишта, спортски и културни содржини

Во рамки на уредувањето на јавниот простор се обновуваат детските игралишта низ општината, со замена на старите реквизити со нова и побезбедна опрема.

Во паркот „Авионче“ е изградено ново модерно кошаркарско игралиште, а се поставуваат и фитнес и калистеника-зони на отворено.

Жителите на Аеродром добија и можност за бесплатно користење на тениските терени.

Во тек е уредување на повеќе пешачки патеки, јавни површини и плочници, меѓу кои и просторот кај ТЦ „Три бисери“ и Трговскиот центар во Лисиче.

Во Ново Лисиче започна и изградбата на првиот мултифункционален културен центар, кој во иднина треба да биде простор за концерти, претстави, кинопроекции, изложби и други културни настани.

Аеродром во изминатиот период беше домаќин и на светскиот 3х3 Red Bull кошаркарски настан, а продолжува и поддршката за Aero Street Food Festival, Илинденскиот марш, меѓународниот фолклорен фестивал „Св. Троица“ и други настани.

Поголема безбедност и транспарентност

Во делот на безбедноста започна реализацијата на проектот за видеонадзор во Општина Аеродром, а се засилени и контролите во делот на бучавата, комуналниот ред и градилиштата.

„Правилата мора да важат еднакво за сите“, порача Митески.

Тој најави и продолжување на активностите за поголема транспарентност, подобра комуникација со граѓаните и поквалитетни услуги. Воведена е и можност за анонимно оценување на работата на општинската администрација.

-Најважно е што граѓаните ги гледаат промените во својата населба и ги чувствуваат во своето секојдневие. Тоа е суштината на локалната самоуправа – да решава проблеми и да создава услови, рече Митески.

Тој порача дека Општина Аеродром продолжува со инвестиции во инфраструктурата, образованието, децата, чистотата, зеленилото, спортот и безбедноста.

-Ветивме работа – работиме. Ветивме развој – Аеродром се развива, порача Митески.