Русија му помогна на Иран да разви суперсонични крстосувачки ракети, објави лондонскиот весник „Фајненшл тајмс“.

Весникот, повикувајќи се на истрагата за руската кореспонденција, патни евиденции и воени патенти, наведува дека некои од водечките руски експерти биле вклучени во иранската програма, а програмата за развој наводно е фокусирана на систем за погон на млазен мотор, што би овозможил крстосувачката ракета да има многу поголема брзина од звукот.

– Тоа е еден од најзначајните познати трансфери на стратешка воена технологија од Москва во Техеран, посочи „Фајненшл тајмс“.

Според британскиот весник, Иран изградил и тестирал систем, но нема докази дека е распоредена суперсонична крстосувачка ракета, што ја користи оваа технологија.

Експертот за ирански ракети Фабијан Хинц посочи дека за трансфер на високо стратешки чувствителна воена технологија во Иран требало политичко одобрение од највисоките владини инстанци во Русија.