За потребите на светот за податоци, речиси 7 трилиони долари ќе се вложуваат наредните 6-10 години во изградба на дата-центри. Да успееме 0,01 проценти да донесеме од тоа во регионот, не само во Македонија, тоа ќе биде огромен напредок и затоа и државите од регионот работат на вакви проекти – вели во интервју за МИА министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

Плановите на Владата е привлекување ваков вид инвестиции и претседателот на Владата рече дека имаме неколку со кои што сме во еден вид на преговори, разговори, за да видиме, вели Андоновски, кој модел нам најмногу ни одговара, но и за кој модел се заинтересирани светските инвеститори.

-Ние не сме држава која што е најатрактивна во светот за вакви инвестиции. Има многу држави во коишто се инвестираат. Во Европската Унија е трка по инвеститори во дата центри, најавени се околу 7 трилиони долари инвестиции во наредните 5 до 6 години во дата центри заради потребите на светот за податоци и впрочем во таа борба вие се борите за инвестиција повеќе затоа што тоа значи капитал повеќе во државата, дециден е Андоновски кој наведува дека сите држави коишто сакаат да напредуваат изминатиов период, веќе активно работат на привлекување на ваквиот вид инвестиции, затоа што ова е чиста индустрија, вели министерот за дигитална трансформација.

Тој открива дека Министерството работи на повеќе проекти од кои од особено значење е Националниот дата центар и оптичка инфраструктура. За националниот дата центар изработена е физибилити студијата за негова изградба, и во моментов се разгледуваат локации кои што ќе бидат во индустриски зони, во индустриски капацитети, најверојатно во близина на гравниот град.

-Мислам дека ќе бидат во близината на Скопје. Имаме добра инфраструктурна поставеност на националниот дата центар и се наоаѓа, што е многу важно, на различна тектонска плоча од Прилеп, што значи поврзаноста помеѓу Скопје и Прилеп ќе биде во живо, а ќе бидат одделени физички. И третиот проект ни е изградба на инфраструктура, владина оптичка помеѓу сите овие државни институции, односно дата центарот, националниот, секундарниот во Прилеп, и клучните државни институции кои што мора да имаат некаква инфраструктура во Скопје, вели тој.

Андоновски посочува дека дата центрите претставуваат „чиста индустрија“ која не само што носи нови инвестиции, туку создава и добро платени работни места за инженери од областа на клауд технологиите, мрежите и сајбер-безбедноста.

-Ние разговараме за потрошувачка на електрична енергија која еднакво ја трошат и конвенционалните производствени капацитети во моментот којшто ги имаме во Македонија, дали е производство на автоделови, дали е автоматизирано производство на други делови, дали се производство на храна, на конфекција, на текстил и т.н. сите овие трошат некој вид на енергија, најчесто електрична енергија. Исто така, трошат и дата центрите – вели Андоновкси.

Размислувањето, според Андоновски, треба да биде и од аспект на привлекување на знаења, вештини, на високо платени работни места кај македонските инженери, кај носење на еко систем кој што освен дата центар носи заедно други сродни дејности и носење на висока технологија.

Андоновски, нагласува дека не слушнал за пример во кој што некоја приватна компанија гаси или затвора определен дата центар во една држава, а го отвара во некоја друга држава, затоа што, како што посочува „станува збор за чиста индустрија која што целосно не загадува“.

-Луѓето кои работат во дата центрите се клауд инженери, се инженери на мрежи, сајбер безбедност, мониторинг, техничари, зборуваме за плата која што далеку, далеку ги надминува платите на сегашните инженери во државата. И ако сакате да зборуваме и за диверзификација на индустријата, затоа што кај нас фокусот на нашата индустрија е претежно на автомобилската. Таа гледаме дека се соочува со предизвици во ЕУ, мора да понудиме како држава алтернативи и диверзификација на индустријата – појаснува Андоновски.

Дигитализацијата, според Андоновски, треба да ни биде алатка, а Македонија со инвестиции во државна дигитална инфраструктура, поголеми дигитални услуги за граѓаните и за компаниите, и секако силни инвестиции во приватната дигитална инфраструктура може во следните години да се позиционира како технолошки хаб на Балканот.

-Се надевам  дека овие три склопа, државни инвестиции, услуги за граѓани, компании и приватни инвестиции, ќе направат да бидеме држава со која што можеме да се гордееме во дигиталната сфера – порачува Андоновски во интервју за МИА.

Во интервју за МИА, Андоновски вели дека државата во моментов функционира со десетици помали серверски соби и мали дата центри низ институциите, и нагласува дека треба да се стремиме кон еден компактен Национален дата центар каде податоците на граѓаните ќе бидат на едно место, како и за дополнително искористување на потенцијалот на овој објект за употреба на вештачка интелигенција во државниот сектор и за граѓаните.

-Ние мораме да имаме една институција која што се грижи за податоците, и за системите на кои што тие податоци се сместени, а на тој начин се оптимизира и потрушувачката на струја, и потрушувачката на вода, на други ресурси – нагласува Андоновски.

Според него, ние во моментот се соочуваме со една апсурдна ситуација, од аспект дека ние веќе сме изградиле секундарен дата-центар во близина на градот Прилеп, но, државата никогаш не инвестирала во планирање и во изградба на Национален дата центар каде што на едно место ќе ги чува податоците, системите кои што се државни, и податоците на граѓаните, и тоа место ќе го штити од сајбер напад.

-Па, имаме апсурди сервери да се губат, се чуваат на несоодветни локации како што се ходници, подруми, тоалети. Сме видели десетици различни апсурдни ситуации, а државата никогаш не размислувала систематски од овој аспект – појаснува Андоновски.

Тој нагласи дека Националниот дата центар е дел од Реформската агенда поддржана од Европската Унија, при тоа забележува дека од опозицијата нема поддршка за реформските закони.

-Ние поминавме во Собрание 6 или 7 закони, со нив има обезбедено повеќе од 40 милиони евра директна финансиска поддршка од Европската Унија за Македонија, но за ниту еден од овие закони опозицијата во Собрание не гласаше. Тоа е многу важно да се каже затоа што ние немаме поддршка од опозицијата за Реформската агенда во ниедна од областите, па вклучително ни во дигитализација, а ниту еден од нив не стана и не кажа дека има проблем со определен член од законот или определен аспект од законот. Читав соопштение изминатиот период во коешто се спротивставуваат и на Националниот дата центар. Откога сфатија дека Националниот дата центар е еден од нашите чекори, активности, обврски, ако сакате, една од нашите задачи во Реформската агенда, сега гледам прес конференција во која тврдат дека не се против изградба на националниот дата центар. Тоа е добар чекор напред од страна на опозицијата и свестување дека со намерното создавање на хистерија го стопираат развојот на оваа држава, вели Андоновски.

-Опозицијата, имам чувство дека сака да биде против се во Македонија, само Македонија да не успее. И се надевам дека во тоа нема да успеат да се спротивстават, на се она што сакаме да го создадеме, потенцира министерот Андоновски.

Министерството за дигитална трансформација неодамна заокружи две години работа. Кои се конкретните резултати досега, колку заштедуваат граѓаните, фирмите и државата во пари и време од дигитализација?

-Ние го наследивме Министерството со околу 100 до 120 услуги, објавени на националниот портал, затоа што клучот за доближување на институциите до граѓаните е тие побрзо да си завршат работа. Од 120 услуги денеска имаме над 350 услуги што е огромен скок и значи дека граѓаните побрзо, полесно добиваат податоци, потврди, сертификати, уверенија по електронски пат.

Тоа се гледа и во бројот на корисници на порталот, ако имавме тогаш околу 120 – 130 илјади корисници, денеска имаме преку 260 илјади корисници. Се гледа и по бројот на трансакции. Овој месец ни беше еден од рекордите кои што ги постигнавме, август имаме над 14 500 корисници, со што овој портал станува единствената или најкористената дигитална алатка во државата и што зборува дека 14 000 наши сограѓани, изминатиов месец, наместо да одат некаде на шалтер, наместо да чекат некаде во ред, тие си ја завршиле работата електронски и ја добиле потребната услуга електронски за многу побрзо време.

Пресметувавме дека за да се добие определена услуга ви е потребно околу час и половина доколку се наоѓате во градот кај што ви треба услугата – патувате, паркирате, чекате во ред, си ја  добивате услугата и заминувате. На порталот, просечното време на добивање на услуга е помалку од половина час. Што значи овде се вклучени услугите кои што доаѓаат автоматски, веднаш Ви стигнуваат и услугите каде што треба некој да потпише, како што се, на пример, изводите од матична книга на родени и венчани, каде што матичарот треба своерачно електронски да го потпише.

Секојдневно и граѓаните и компаниите се повеќе се префрламе онлајн и користиме се повеќе електронски податоци, но доаѓаме до прашањето каде се чуваат тие податоци и нивната безбедност од сајбер-напади и секако прашањето со дата центрите што е актуелно. Што добиваме, а што губиме и дали можеме да зборуваме за е-држава без Национален дата центар?

-Ние во моментот се соочуваме со една апсурдна ситуација, од аспект дека ние веќе сме изградиле со поддршка на Европската Унија преку ИПА проект секундарен дата-центар. Тоа е еден центар во близина на градот Прилеп, каде што по правило би требало да се чуваат заштитните податоци од сите системи. За жал, во изминатите години не се направило многу за искористување на овој дата-центар, па таму само три или четири институции во државата ги чуваат своите заштитни системи, вклучително и Министерството за дигитална трансформација.

Но, државата никогаш не инвестирала во планирање и во изградба на Национален дата центар каде што на едно место ќе ги чува податоците, системите кои што се државни, и податоците на граѓаните, и тоа место ќе го штити од сајбер напад. Па, имаме апсурди сервери да се губат, се чуваат на несоодветни локации како што се ходници, подруми, тоалети. Сме видели десетици различни апсурдни ситуации, а државата никогаш не размислувала систематски од овој аспект.

Околу безбедноста, јас можам да зборувам за безбедноста на податаците на Министерството за дигитална трансформација. Нашите системи главно се чуваат во Министерството, во посебни мали хибридни дата центри, но секако, заради потенцијалот, заради можностите коишто се создаваат, заради бројките за кои што зборував на бројот на корисници, на бројот на услуги, на бројот на институции кои што се закачени на платформата, нам веќе ни е овој дата центар прилично мал и несоодветен, и веќе мораме да се движиме кон еден голем Национален дата центар.

Кога зборувам голем национален дата центар, тоа не треба да се меша со приватни иницијативи во дата центри, кои што се со различен габарит, различни потреби и тн. Државата има потреба за еден компактен центар во кој што ќе ги чува податоците.

На старт да разграничиме, што е Национален дата центар, а што се комерцијални дата центри?

-Националниот дата центар претставува објект од критична државна инфраструктура, кој што е помал од 1 мегават инсталирана моќност, по што се мерат габаритите на дата центрите и во кои што се сместени или инженерите ги нарекуваат колоцирани системите на државните институции.

Тоа значи дека наместо да имате 50-тина мали дата центри, какви што имаме во моментот, низ сите државни институции, тука би ги спомнал Царина, Управа за јавни приходи, Министерство за финансии, Министерство за внатрешни работи, нашиот дата центар. Сите овие институции имаат свои во моментов серверски соби или дата центри во своите институции или некаде на други локации. Тоа значи нивно собирање на едно место, и дополнително искористување на потенцијалот на овој објект за употреба на вештачка интелигенција во државниот сектор и за граѓаните, што значи, зборуваме за еден објект од микро размери, не зборуваме за објект од  поголеми размери.

Кога станува збор за комерцијалните инвестиции во дата центри, тие се разликуваат. Значи имаме на пазарот во светот голем број на различни. Во Македонија веќе има неколку приватни дата центри, кои што се, исто така, од помал обем, до 5 мегавати инсталирана моќност, а кои што се користат за колоцирање на податоците на приватните субјекти. Дали се телеком оператори, банки, осигурителни компании, кои што наместо да чуваат податоци кај себе и да не се сигурни во безбедноста, ги даваат на користење, на колокација во приватни т.н. инвестиции, кои што постојат во Македонија веќе 10, 15 години, не зборуваме за нешто што е од вчера.

Плановите на Владата за привлекување ваков вид инвестиции се разликуваат од тоа со кого разговараме, со кој партнер разговараме, дали станува збор за микро, мали, средни или големи инвестиции во дата центри. Ние разговараме, претседателот на Владата кажа, имаме неколку со кои што сме во еден вид на преговори, на дискусии, на разговори, за да видиме кој модел нам најмногу ни одговара, но и за кој модел се заинтересирани светските инвеститори.

Ние не сме држава која што е најатрактивна во светот за вакви инвестиции. Има многу држави во коишто се инвестираат. Во Европската Унија е трка по инвеститори во дата центри, најавени се околу 7 трилиони долари инвестиции во наредните 5 до 6 години во дата центри заради потребите на светот за податоци и впрочем во таа борба вие се борите за инвестиција повеќе затоа што тоа значи капитал повеќе во државата.

Дали постоењето на дата центри на територија на државата е важно од економски аспект или зборуваме и за суверенитет на податоци. Дали самото физичко присуство на податоците во државата ги прави посигурни и побезбедни отколку да се на некои други провајдери или клауд системи?

-Кога зборуваме за суверенитет на податоци, ќе го расчистам прво тој дел, па ќе одам и на објаснувањето околу економските параметри. Податоците во моментот се штитат со Законот за заштита на лични податоци, којшто вели дека податоците на граѓаните мора да се чуваат во државата, а по исклучок во држави на Европската Унија или НАТО. За сите други држави, ако некој е приватен или државен субјект, сака да чува податоци на граѓаните надвор од оваа склопка, мора да добие дозвола од Агенцијата за заштита на лични податоци за секој податок којшто сака да го извезе, односно го чува на некој странски систем. Но, контролата, следењето, мониторингот на ова прашање е навистина многу тешко и Европската Унија веќе вложува многу средства во мониторинг на тоа каде се чуваат податоците на граѓаните.

Јас можам да кажам за државните системи со кои што ние управуваме, сите се чуваат во Македонија. Прашањето е или разликата е дали се чуваат на опрема која што е сместена во Министерството или опрема која што е сместена во некој приватен дата центар, затоа што и ние користиме во моментот услуги на приватен дата центар во Македонија. Дел од државни институции има коишто чуваат системи, најчесто заштитни системи во странски клауд провајдери, што значи некаде во ЕУ или НАТО, на опрема која што физички е сместена, да речеме, во Франкфурт или во други држави. Кај приватните субјекти, нивна обврска, ако ги чуваат податоците надвор од овој конгломерат на земји, тоа да го пријават во Агенцијата за заштита на лични податоци, но многу е тешко Агенцијата тоа да го следи.

Околу Националниот дата центар, тогаш ќе бидеме 100 проценти сигурни дека сите податоци на граѓаните се чуваат исклучиво и само во Македонија.

Реалноста моментално е дека имаме повеќе помали дата центри, каде што се чуваат податоците на граѓаните. Дали еден дата центар на едно место ќе донесе заштеда и поголема контрола од државата во однос на влијанието врз животна средина и се што е поврзано со тоа. Дали може со закон тоа да се регулира?

-При изградбата на националниот дата центар секако прашањата за сместување на податоците и на системите во него ќе биде уредено со закон, затоа што ќе биде обврска на државните институции повеќе да не градат поединечни помали дата центри или хибридни дата центри, или да сместуваат податоци на клауд од приватни субјекти, затоа што тие ќе мораат да се движат кон националниот дата центар. Тоа движење нема да биде, јас објаснував, во петок да ги исклучиме системите, во понеделник да ги вклучиме во дата центар, туку постапно, како ќе застарува опремата на поединечните институции, коишто ние веќе ги мапираме, и ние знаеме дека тие не можат веќе да се грижат за своите податоци, тогаш тие ќе се мигрираат кон националниот дата центар на квалитетна опрема, на поголема безбедност и заштита. Затоа што во моментот ние не знаеме колку струја трошиме, секоја институција за себе со ваквите сервер соби и дата центри.

Безбедноста е следното прашање, физичката безбедност. Дали тие имаат пристап до вода, до струја, струјни удари. Се случувало заради немање на соодветна вентилација тие да преграат, па да се изгаснат во текот на летото или прегорат. Ни се случувале ситуации во коишто може да се поплави соодветната просторија затоа што не е соодветно чувана, некои се во подрум на несоодветни локации. За сите овие работи имаме правила како треба да се однесуваме, и предолго, прелесно ги поминуваме овие правила. Затоа што секој директор на институција, многу пати сум зборувал, има одговорност ако му се случи пожар или поплава во неговата институција. Но, немаш одговорност што ако се случи сајбер напад. Не зборуваме дури и за сајбер напад од големи размери каде што некоја странска структура ќе влезе во вашите системи, туку зборуваме за напад кој што е заради ваше несоодветно чување на серверите и на податоците кои што ги имаат.

Ние мораме да имаме една институција која што се грижи за податоците, и која што се грижи за системите на кои што тие податоци се сместени, а на тој начин се оптимизира и потрушувачката на струја, и потрушувачката на вода, на други ресурси. Набавката на опрема. Ние во моментов имаме набавка на неколку институции на серверски продукти, серверска опрема. Таа набавка не би требало да се случува ако ние имаме дата центар во којшто една институција е одговорна и за тие набавки. Така што, зборуваме за оптимизација на ресурсите од сите аспекти, и за заштеда на ресурси многу повеќе отколку што можеме да зборуваме сега.

Од економски аспект, чисто како индустрија. Дали можеме ние како држава да се позиционираме регионално, како некој хаб центар, да искористиме и дури да привлечеме странски инвестиции и да создаваме додадена вредност и економски бенефит да има државата од самите дата центри?

-Да, јас спомнав на почетокот на нашиот разговор, „Фајненшал Тајмс“ излезе со анализа, околу 7 трилиони долари ќе се вложуваат наредните 6 до 10 години во изградба на дата центри во светот. 0,01 процнет да успееме да донесеме од тоа во регионот, не само во Македонија, тоа ќе биде огромен напредок за регионот. И затоа, и државите од регионот работат на вакви проекти. Хрватска најави уште пролетва изградба на повеќе од 150 мегавати дата центар помеѓу Сплит и Загреб. Србија пред десет години инвестираше во свој национален дата центар, којшто тие сметат дека не треба да го користат само за државна инфраструктура, туку го издаваат, го лоцираат и на приватниот сектор, па таму е сместен дел од „Нвидија“. Грција, да не зборувам, има и фабрика за вештачка интелигенција и голем дата центар. Бугарија, инвестира во десетина проекти во моментот. Романија има четири инвестиции во големи дата центри. Така што, сите држави коишто сакаат да напредуваат изминатиов период, веќе активно работат на привлекување на ваквиот вид инвестиции. Зошто. Затоа што ова е чиста индустрија.

Ние разговараме за потрошувачка на електрична енергија која еднакво ја трошат и конвенционалните производствени капацитети во моментот којшто ги имаме во Македонија, дали е производство на автоделови, дали е автоматизирано производство на други делови, дали се производство на храна, на конфекција, на текстил и т.н. сите овие трошат некој вид на енергија, најчесто електрична енергија. Исто така, трошат и дата центрите. Но, обврската за наоѓање на таа електрична енергија и обврската за плаќање на потрошената електрична енергија е на сопствениците, на инвеститорите. Тоа е така и сега во фабриките коишто ни се во развојните зони, и така и во другите фабрики, кои што, се надвор од развојните зони, така ќе биде и за инвестициите во дата центри.

Обврската на инвеститорите е или да изгради своја, на фотонапонска централа, ако планира да биде зелена енергија, од обновливи извори, или да си ја набави на отворениот пазар. Тоа си е обврска  на инвеститорот и државата со тоа нема потреба да се оптоварува. Зошто? Затоа што државата се грижи за цената на чинење на струјата за граѓаните, тоа треба да се знае, и за производство на струја за граѓаните. Што значи, ако на берза цената е 100 единици. Оној кој што ја набавува, инвеститорот во дата центрот, ќе си плати 100 единици, а државата ќе се погржи за тие 100 единици од берза да ја спушти цената за граѓаните за да биде таа соодветна.

Како размислуваат инвеститорите во дата центрите? За да можат да ги продаваат овие услуги во ЕУ, а да не добијат казна или такса која што е за произведена услуга од фосилни горива, сите инвеститори во дата центри кои што сакаат да продаваат во ЕУ, размислуваат за зелена енергија во производството на струја за дата центрите. Така размислуваат и други инвеститори кои што сакаат да бидат интересни на овој пазар. Така што, има многу добра симбиоза помеѓу изградбата на дата центри и инвестициите во обновливи извори на енергија. На крајот, наша обврска не е да се грижиме како држава од каде тие ќе ја набавуваат струјата или колку ќе ја плаќаат. Тоа е електрична енергија која што ќе си плаќа инвеститорот и тоа е негова обврска, а на тоа ќе плати данок за државата.

Веќе ги спомнавте тн. зелени дата центри, но глобалната дебата за дата центрите се движи од тоа колку има во една држава, нели Америка има најмногу, илјадници, потоа Велика Британија, Германија и понатаму. До моментот сега, зошто се отвораат во други држави. Ајде да разграничиме, дали тоа значи дислокација поради загадување или пак се однесува на ширење на дигитални услуги, дигитални добра за поголем број граѓани и потребата од тоа. Значи, дали е индикатор за економски напредок, постоењето на дата центри или?

-Многу добро прашање и многу важно. Прво треба да разграничиме за каков капацитет на дата центри зборуваме. Во САД дебатата се одвива околу дата центри со големина отприлика на цела индустриска зона „Бунарџик“, а ние тука зборуваме за една од помалите објекти во индустриската зона „Бунарџик“. Значи, треба да се разликува граѓаните да знаат за колкав габарит зборуваме. Зборуваме за дата центри во САД коишто трошат струја колку цело Скопје, и зборуваме за дата центри во Македонија кои што трошат струја како една обична фабрика која веќе постои во моментот. И намерно се создава таа хистерија во државата.

Која е економската логика, зошто луѓето сакаат да инвестираат? Затоа што потребно е кога се даваат услуги да имате вие заштитни или редундантни центри. Ако изгаси определен центар некаде којшто се наоѓа, да речеме во Германија, тогаш заштитниот којшто би се наоѓал во Македонија би ја покрил работата и на овој дата центар. Второ, ако тој е преоптоварен во смисла дека не може повеќе да се развива и да се шири, тогаш им е потребен втор. Не сум слушнал за пример во кој што некоја приватна компанија гаси или затвара определен дата центар во една држава, а го отвара во некоја друга држава. Затоа што станува збор, повторно ќе кажам, за чиста индустрија која што целосно не загадува.

Размислувањето треба да биде и од аспект на привлекување на знаења, на вештини, на високо платени работни места кај македонските инженери, кај носење на еко систем кој што освен дата центар носи заедно други сродни дејности, дали зборуваме за дигитализација на услуги, дали зборуваме за обезбедување, логистика, транспорт, изградба на тие центри, носење на висока технологија, тука вработување на инжинери.

Често го добивам прашањето колку или какви инженери ќе се вработуваат. Еден дата центар од 5 мегавати ќе вработува од 50 до 100 инженери, најмалку во периодот на целосно функционирање на тој дата центар. Во период на изградба, около 300-400 луѓе ќе бидат ангажирани за изградба на таа централа. Ова зборувам, внатре во дата центарот, што останува за одржување, обезбедување, логистика, транспорт итн.

Луѓето кои работат во дата центрите се клауд инженери, се инженери на мрежи, сајбер безбедност, мониторинг, техничари, зборуваме за плата која што далеку, далеку ги надминува платите на сегашните инженери во државата.И ако сакате да зборуваме и за диверзификација на индустријата, затоа што кај нас фокусот на нашата индустрија е претежно на автомобилската. Таа гледаме дека се соочува со предизвици во ЕУ, мора да понудиме како држава алтернативи и диверзификација на индустријата.

Доаѓаме до прашањето со реформската агенда и процесот на дигитализација. Каде сме и што се следните чекори, каде се на тој пат дата центрите, конкретно и Националниот дата центар?

-Ние поминавме во Собрание 6 или 7 закони, со нив има обезбедено повеќе од 40 милиони евра директна финансиска поддршка од Европската Унија за Македонија, но за ниту еден од овие закони опозицијата во Собрание не гласаше. Тоа е многу важно да се каже затоа што ние немаме поддршка од опозицијата за реформската агенда во ниедна од областите, па вклучително ни во дигитализација, а ниту еден од нив не стана и не кажа дека има проблем со определен член од законот или определен аспект од законот. Читав соопштение изминатиот период во коешто се спротивставуваат и на Националниот дата центар. Откога сфатија дека Националниот дата центар е еден од нашите чекори, активности, обврски, ако сакате, една од нашите задачи во реформската агенда, сега гледам прес конференција во која тврдат дека не се против изградба на националниот дата центар. Тоа е добар чекор напред од страна на опозицијата и свестување дека со намерното создавање на хистерија го стопираат развојот на оваа држава.

Опозицијата, имам чувство дека сака да биде против се во Македонија, само Македонија да не успее. И се надевам дека во тоа нема да успеат да се спротистават, на се она што сакаме да го создадеме.

Околу реформската агенда, отприлика околу 160-170 милиони евра кои што се вкупно обезбедени за државата, околу 40-50 милиони евра се обезбедени заради чекорите во дигитализација, за што сум многу горд. Сега влегуваме во втора фаза, со овие средства, градиме проекти кои значат инфраструктурна надградба на државата.

Во нашето Министерство имаме три такви проекти. Едниот е основна инфраструктура, која значи подобри системи, архивирање, електронска архива, интероперабилност на институциите и кои што ќе ги набавуваме за сите институции, значи како заедничка набавка за сите институции, повеќе од 20 милиони евра, од кои што 30 проценти грант од Европската Унија и ова е за прв пат го кажувам. Веќе во напредни разговори сме со една светска банка со која што бараме поддршка со меки кредити да обезбедиме една силна инфраструктура за државните институции која што потоа ќе сместиме во еден дата центар. Оваа инфраструктура ќе значи поголема сајбер безбедност, мониторинг од страна на Министерството за дигитална трансформација на овие институции, зачувување на податоците на граѓаните, електронска архива. Работиме и со Државниот архив, што значи електронска државна архива. Така што еден голем проект на кој што работиме периодов кој што следи, а ќе биде финансиран со средствата коишто ги обезбедивме од Реформската агенда.

Вториот проект е физибилити студијата за дата центарот и изградба на национален дата центар. Гледаме локации кои што ќе бидат во индустриски зони, во индустриски капацитети. Мислам дека ќе бидат во близината на Скопје. Имаме добра инфраструктурна поставеност на националниот дата центар и се наоаѓа на различна многу е важно тектонска плоча од Прилеп, што значи поврзаноста помеѓу Скопје и Прилеп ќе биде во живо, а ќе бидат одделени физички. И третиот проект ни е изградба на инфраструктура, владина оптичка помеѓу сите овие државни институции, односно дата центарот, националниот, секундарниот во Прилеп, и клучните државни институции кои што мора да имаат некаква инфраструктура во Скопје.

Огромен број на проекти кои што ќе се случуваат во наредниот период, директно поврзани со реформската агенда, но кои што значат напредот – инфраструктурен, дигитален на Македонија.

Тоа е основата и тоа што не се гледа од граѓаните за нешто да функционира. Доаѓаме до прашањето, еве, со Везилка и националната фабрика за вештачка интелегенција. Кога граѓаните може да ги видат првите проекти или алатки и да ги користат?

-Да, имаше уште една лага на таа тема, дека ние сега со Везилка плаќаме на дата центарот во Грција користење на нивните потенцијали или на нивните пресметковни капацитети, што исто така не е точно, затоа што ЕУ со 2,5 милиони евра ја поддржа Везилка, а 2,5 милиони евра обезбеди државата и ФИНКИ.

Веќе почна да работат ФИНКИ на првите помали пилот проекти, дел се во здравство, дел се во образование. Очекувам дека првите поголеми проекти ќе ги видиме во почетокот на 2027 година. ФИНКИ врши некои набавки на опрема која што треба да служи како антена со фабриката за вештачка интелигенција во Фарос во Грција, и паралелно со тоа го полни националниот дата сет којшто ќе го гради големиот јазичен модел на македонски јазик.

Унапредување на јавни услуги, транспарентност, доверба во институции преку дигитални решенија, тоа е еден од четирите столбови на Стратегијата за развој ИКТ: СМАРТ/МК 2030. Како дигитализацијата помага во справување во борба со корупција и враќање на довервата во институциите?

-Да, мислам дека има два аспекти на ова прашање. Првото е дека дигитализацијата спречува ситна корупција. На кој начин. Кога вие ќе извадите извод од државјанство или уверение за државјанство, или извод од матична книга на родени, венчани или умрени, електронски, не треба да платите 500 денари на некој службеник за побрзо да ви ја заврши работата. Не треба да чекате на Камени мост, како што беше праксата во Скопје, за да добиете побрзо извод од родени или од венчани.

Овој процес се мултиплицира во зависност од услугата која што ја нудиме. На пример, минатата година ние доделивме 50.000 ваучери за ИКТ опрема на студенти. Порано, за делење на тротинети електрични или велосипеди или друга опрема, секоја општина беше обвинувана дека прави партиски списоци, дека по желба на градоначалникот се делат определени поволности за студенти, за млади итн. Во овој повик, од првиот до последниот ден, немаше еден коментар од никој од тие 50 000 студенти дека на некој му било ускратено правото неправедно, дека некој партиски добил ваучер, а некој не добил, дека некој му задоцнил, а некој пред него добил. Во ниту еден момент. Зошто? Затоа што аплицира електронски, се обработува електронски, електронским се врати на овие студенти.

Веќе неколку години конкурсот за Министерство за култура е целосно онлајн. И од тој момент ние веќе немаме коментар од кој било, дека неговото  право е ускратено  затоа што нечиј предмет се чувал во фиока, некој ненавремено добил услуга, некој не ја добил таа услуга итн. Што зборува за ситната корупција, и справување со ситната корупција, затоа што никој веќе не треба да оди покрај шалтерите ако таа услуга се вади електронски и да плаќа тн. мито.

Дојдовме до системот за интероперабилност, но каде да се пожалат граѓаните кога не функционира, кога, пример, некој електронски документ не им се прифаќа или пак кога некоја институција пишува дека треба нешто да прибави по службена должност, но им се бара копија од тој документ?

-Овде имаме два аспекти со коишто се справуваме, морам да ви кажам. Прво, околу неприфаќањето на електронски документи не се случува често, но постои. Тоа е уредено со Законот за електронски документи. Секоја институција мора да прифати електронски издаден документ кој што потоа е испечатен. Тој се смета за еднакво правно валиден, како и традиционалниот документ со синиот печат, и секој институција мора да го прифати овој документ. Во случај граѓаните да забележат некоја институција и не го прифаќа тој документ, нашите телефони се достапни на порталот услуги.гов.мк, исто можат да се јават.

Што се однесува до фотокопиите кои што се уште се бараат или физичките изводи, иако институцијата е закачена на платформата за интеропрабилност, проблем се материјалните закони и подзаконските акти. За жал, се уште има закони коишто не се усогласени со законите за електронско управување. Како доаѓат на Влада тие поединачни закони од други институции, ние ургираме да се менуваат од тој аспект. И тоа е процес кој што трае, траел во сите држави, па ќе трае и кај нас. Повикувам граѓаните кога ќе забележат ваква ситуација да реагираат.

Се повеќе граѓаните ги користат услугите, но се создава еден јаз меѓу луѓето што користат и се повеќе користат дигитални услуги и тие што не се толку стручни, да можат да ги користат. Како Министерство, отварате  центри за услуги. Има ли интерес, каков е ефектот?

-Во ниеден момент нам целта не ни е на луѓето кои што не користат дигитални алатки да им го отежниме животот. Напротив, сакаме да им го лесниме и на нив, да им биде и на нив побрзо, полесно, подостапно. Затоа, од пет Центри за услуги кои што ги имав кога дојдов како министер во 2024 година, пред некое време го отворивме 17-тиот центар, значи 12 нови Центри за услуги и бројката на услужени граѓани во овие центри за услуги е зголемена  околу 1 300 во 2024, денес имаме околу 13 000 граѓани во 2025 година услужени од центрите за услуги и таа бројка секој ден расте.

Со секоја анализа од секој месец што ја добивам, таа бројка расте, што зборува дека граѓаните ги користат центрите за услуги. Некаде повеќе, во Јегуновце помалку да речеме, но и во Јегуновце имаме центар за услуги кој што на граѓините од тој регион им помага да се доближи секоја електронска услуга и до нив, да не мора да патуваат до Управа за водење матични книги, до Агенција за вработување, до некоја друга институција, туку тука, веднаш спроти општината, да можат да ја добијат соодветната услуга.

Кој е најголемиот проблем или пречка за дигитализацијата. Дали се тоа законите, легислативата, немањето кадар, инфраструктура, отпор кон промена, каде го лоцирате?

-Да ме прашавте, можеби пред 15 години ќе одговорев дека тоа е инфраструктура, дека тоа се хардвер опрема, средства за набавување на таа инфраструктура. Сега ќе кажам нешто неконвенционално, а тоа мислам дека е волја и кај носителите на одлуки, која што е детермирана и од средства, и од капацитет, и од човечки ресурси, и од внимание, и од фокус, но е волја и кај носителите на одлуки, и кај оние кои што работат во системот.

Независно тоа дали се граѓани коишто користат услуги или администрација која што треба да ги пружи тие услуги, се уште имаме проблем со промена на свеста дека вака е побрзо, полесно, без корупција, потранспарентно и поефикасно, а тоа е свест која што се гради и треба време. Се надевам дека ќе успееме како Влада, како носители на одлуки, како раковидители на институциите, таа волја да ја зголимиме, прво кај нас самите, да се посветиме на ова прашање и да го решиме еднаш засекогаш затоа што можеме, знаеме, имаме инжинери, имаме опрема, имаме софтвер, имаме познавање во државата, имаме талент, само треба повеќе волја и повеќе посветовност на овие прашања за да ги разрешиме еднаш засекогаш.

Ќе пробам тука да направам една паралела со банките и електронското банкарство и најавите за електронска лична карта, возачка, тој дигитален паричник. Кога граѓаните ќе ја почувствуваат таа промена?

-Граѓаните, мислам дека веќе ги чувствуваат промените кои што постојано се случуваат. Но големата промена ја очекувам, со мобилната апликација е-услуги. Ние ја тестиравме изминатата година од октомври до јануари, работиме многу напорно на нејзе, во соработка со Министерството за внатрешни работи, очекувам во скоро време да ја имаме и таа ќе покрене, нова лавина на притисок кон институциите побрзо да се дигитализираат и повеќе да се користат дигиталните алатки. Вие добро кажавте, банките кои што не одат кон дигитализација стагнираат, оние кои што работат на дигитални системи, на e-банкарство на соработка со своите клиенти онлајн растат, ги намалуваат трошоците. Истото ќе важи и за институциите, оние кои што нема да се дигитализират ќе останат настрана, бавни, маргинализирани и се повеќе ќе имаат притисок од граѓаните и од компаниите, а институциите коишто ќе се движат кон дигитализација, добри примери сме имале во минатото и Агенција за катастар на недвижност меѓу првите, Управа за јавни приходи меѓу првите, за жал некои процеси со времето, стагнирале, сега повторно се рестартираат. ТМВР долго време стагнираше, сега и таму се движат работите на позитивно. Сите овие институции кои ќе повлечат напред, веќе ќе останат многу малку бројот на институции коишто стагнираат и се надевам дека притисок ќе ги повлече и нив.

За крај, која е вашата визија за Македонија во следните пет години од аспект на дигитализација во регионални и светски текови?

-Дигитализацијата треба да ни биде алатка и ја гледам Македонија како технолошки хаб на Балканот, нешто што го ветивме и во програмата за избори, затоа што тоа го можеме, а тоа се прави и со инвестиции во државна дигитална инфраструктура, поголеми услуги дигитални за граѓаните и за компаниите, и секако силни инвестиции во приватната дигитална инфраструктура. Домашни телеком оператори, го имаме третиот, вложување во вештачка интелегенција на приватниот сектор, на компаниите, на нови компании кои што ќе влегуваат во дигиталниот пазар во индустријата. Се надевам  дека овие три склопа, државни инвестиции, услуги за граѓани, компании и приватни инвестиции, ќе направат да бидеме држава со која што можеме да се гордееме во дигиталната сфера. (МИА)