Две лица утрово биле спасени од тунел на хидроелектрана, девет дена по катастрофалните поплави што го погодија Непал, додека повеќе од 4.000 луѓе сè уште се водат како исчезнати.

Спасувачките екипи, со помош на повеќе од 500 инженери, сè уште трагаат по исчезнатите.

Две лица се извлечени од тунелот на хидроелектраната „ Upper Trishuli 3A“, изјави член на непалскиот парламент.

Властите се надеваат дека има некои преживеани од приближно 900 лица кои се водат за исчезнати во шестте хидроелектрани, бидејќи се засолниле во тунелите или работеле во нив за време на поплавата.

Повеќе од 500 инженери и други експерти се собраа во WhatsApp група за да им помогнат на спасувачките екипи да ги бараат исчезнатите по катастрофалните поплави во долината на реката Тришули. Во групата, тие разменуваат планови на хидроелектраните и тунелите и информации за нивниот распоред со цел да им помогнат на спасувачите да пронајдат закопани влезови и да утврдат каде би можеле да бидат преживеаните.

Пребарувањето е отежнато од фактот што поплавата го промени теренот околу тунелите и и во нив внесе големи количества кал, камења и друг материјал. Поплавата остави околу 2,2 милиони тони наноси и отпад во долината, а на некои места влезовите во тунелите беа целосно затрупани.

Во хидроелектраната „Расувагади“, спасувачите успеаја да навлезат 250 метри во тунелот пред да наидат на пречка, но потрагата продолжува. Во хидроелектраната „ Upper Trishuli 3A“, на спасувачите им беа потребни речиси шест дена за да стигнат до тунелот бидејќи влезот беше затрупан, а тие се обидуваа да внесат кислород во можните шуплини во тунелите, во случај луѓето да бидат заробени.

Повеќе од 1.200 луѓе загинаа во поплавите предизвикани од уривањето на глечерот, а повеќе од 4.000 луѓе сè уште се водат за исчезнати.

Катастрофата уништи околу десет проценти од капацитетот за производство на електрична енергија во Непал.