Претседателот на Собранието Африм Гаши, по повод 8 Септември – Денот на независноста, упати порака за иднината на државата, нагласувајќи дека независноста не е само историски чин, туку процес што се гради секојдневно преку силни институции, економски развој, еднаквост и доверба на граѓаните.
Во обраќањето по повод 35-годишнината од независноста, Гаши се осврна на историскиот пат на државата и оцени дека мирното стекнување на независноста во 1991 година претставува особено значаен успех.
„Без оглед на тоа на кој политички табор му припаѓале и дали се согласуваме со сите политички одлуки на таа генерација, не можеме да не го признаеме и вреднуваме фактот дека Македонија стана независна и суверена на мирен начин“, порача Гаши.
Тој посочи дека во изминатите 35 години државата поминала низ бројни кризи, политички и економски потреси, институционални промени и тежок транзициски процес, при што голем број граѓани ја напуштиле земјата во потрага по подобар живот.
Според Гаши, иднината на државата треба да се темели на функционални институции, еднаква примена на законите и европска перспектива.
„Државата на иднината треба да биде држава на функционални институции, каде што администрацијата не го гледа граѓанинот како товар, туку како причина за своето постоење, каде што законот се применува еднакво без оглед на припадноста на странката, каде што корупцијата се гледа како порок и каде што сите ја гледаат заедничката европска перспектива“, истакна претседателот на Собранието.
Во своето обраќање, Гаши посебно се осврна и на мултиетничкиот карактер на државата, нагласувајќи дека различностите не треба да бидат пречка, туку можност за успех.
„Можеме да имаме различни јазици, различни култури, различни традиции, различни политички убедувања, но имаме само една заедничка држава. Ова треба да биде основата на нашиот однос“, порача Гаши.
Тој нагласи дека економскиот развој е еден од клучните столбови на успешна држава, а како приоритети ги посочи создавањето подобри работни места, квалитетното образование, инвестициите, инфраструктурата, технологијата, иновациите и поддршката за претприемништвото.
Говорејќи за дијаспората, Гаши порача дека таа не треба да се гледа само како извор на ремитенции, туку како неразделен дел од човечкиот капитал на државата.
Како уште еден голем предизвик ја посочи демографијата.
„Младите треба да веруваат дека и овде можат да изградат добар живот. Ако сакаме младите да останат овде, постојано треба да создаваме причини и можности за нив. Ова е патриотизмот што се очекува од нас“, рече Гаши.
На крајот од обраќањето, тој повика на повеќе одговорност, доверба и работа во градењето на иднината.
„Република во која граѓанинот нема да се чувствува како странец во својата држава. Република во која разликите нема да бидат извор на страв, туку можност за успех. И Република во која младите ќе можат да кажат: ‘Овде е моето место и овде ја гледам мојата иднина’“, порача Гаши.
„Среќен 8 Септември и честита 35-та годишнина на Републиката“, заврши претседателот на Собранието.




