Германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, предупреди на економска изолација и потенцијални последици за бизнисите поради можноста десничарската Алтернатива за Германија (АфД) да ја преземе власта во источната сојузна покраина Саксонија-Анхалт.

– Можам само итно да предупредам на враќање кон национални решенија – изјави тој за време на денешната средба со еврокомесарот за трговија Марош Шефчович во Министерството за надворешни работи во Берлин.

Шефчович исто така предупреди од самостојно делување на земјите во услови на сложена глобална економска средина.

АфД, која е исклучително критична кон Европската Унија и се залага за излегување на Германија од еврозоната, се обидува да формира влада во Саксонија-Анхалт по нејзиниот силен резултат на покраинските избори.

Тоа би можело да биде првпат партија која германските власти ја класифицираат како потврден десничарски екстремизам да преземе власт во некоја германска сојузна покраина по завршувањето на Втората светска војна.

На прашањето дали очекува ова да влијае врз меѓународната подготвеност за инвестирање во Германија и Саксонија-Анхалт доколку со покраината управува АфД, Вадефул одговори: „Се надевам дека не“.

Тој сепак нагласи дека само ЕУ „ни дава можност да обезбедиме разумни фер услови за нашата индустрија на глобалниот пазар. И затоа мора да се избегне секоја закана за Европската Унија“.

– Секој што се залага за излегување од еврозоната би ги загрозил кохезијата во рамките на ЕУ, а со тоа и просперитетот, безбедноста и слободата – рече тој. МИА