Истражувач за вештачка интелигенција, кој го напушти OpenAI за да се приклучи на Anthropic, сметајќи ја таа компанија за повнимателна, одлучи целосно да ја напушти индустријата, обвинувајќи ги двете американски лаборатории дека „си играат со своите животи во трката за развој на вештачка интелигенција способна да се подобри самата“, објави американскиот весник Волстрит џурнал.
Џејкоб Коксон, 27-годишен Британец, помина три години работејќи на обука, фазата во која моделите апсорбираат огромни количини на податоци, прво во OpenAI, а потоа, оваа година, кај неговиот главен конкурент, Anthropic.
„Ниту една компанија не се однесува одговорно. Тие се тркаат директно кон самоподобрување на суперинтелигенцијата и си играат со нашите животи“, напиша Коксон синоќа на платформата X.
Според него, луѓето кои градат вештачка интелигенција искрено веруваат дека таа би можела да ги загрози животите на луѓето до крајот на деценијата.
„Тоа не е маркетиншки трик“, додаде Коксон.
Шефот за безбедност на Anthropic, Еван Хубингер, се согласи со Коксон.
„Вистински веруваме дека вештачката интелигенција би можела да ги убие сите луѓе“, напиша Хабингер на X, лично проценувајќи го ризикот на „повеќе од 10 проценти“ во оваа деценија, пренесе Бета.
Тој додаде дека Антропик прави сè што може, но сè уште нема план да осигури дека вештачката интелигенција што ги надминува човечките способности сè уште ќе ги слуша своите дизајнери, додека ризикот што го претставуваат сегашните модели го оцени како низок.
Ниеден федерален закон не ги регулира овие модели во САД каде што администрацијата на претседателот Доналд Трамп има многу лабав пристап кон нив.
Сенаторот Берни Сандерс и конгресменот Грег Керзар, демократ, неодамна предложија закон со цел запирање на развојот на вештачката интелигенција додека не се воспостави регулатор.
МИА




