„Одмаздничкиот фустан“ на британската принцеза Дијана, којшто таа го носеше ноќта кога тогашниот принц Чарлс призна дека ја изневерил, ќе биде понуден на аукција во декември.
Наддавањето, исто така значи дека, по речиси 30 години, овој фустан од грчката дизајнерка Кристина Стамболијан повторно ќе биде достапен за купување. Принцезата Дијана го носеше тој фустан на добротворната вечера во 1994 година во лондонската галерија „Серпентин“ – истата вечер кога принцот Чарлс на националната телевизија претходно призна дека ја изневерил Лејди Ди за време на нивниот брак.
Британскиот кралски пар се раздели во 1992., а разводот беше привршен до 1996 година. Следната 1997., принцезата Дијана го продаде фустанот за околу 40.000 британски фунти за да се соберат средства за здруженијата што им помагаат на луѓето заболени од СИДА и рак. Брачниот пар што го купи фустанот во 1997 година, Бриџ и Греам Мекензи, го користеше за собирање средства за хуманитарни цели низ Шкотска, пишува „Вашингтон пост“.
Само два месеци подоцна, принцезата загина во сообраќајна несреќа во Франција, кај Париз.
Црниот фустан ќе биде изложен ширум светот, со поставки во Лондон, Хонг Конг, Кина и Женева, Швајцарија, пред да пристигне во Њујорк, САД, за наддавањето во живо на 9 декември. Се проценува дека фустанот би можел да достигне цена меѓу 150.000 и 300.000 долари (околу 130.000 – 260.000 евра).
Фото: Од архивите




