Соединетите Американски Држави побараа од танкерите кои минуваат низ Ормуската Теснина тоа да го прават само во одредени временски термини за да можат да им гарантираат воена заштита откако Иран ги интензивираше нападите врз бродовите кои пловат ноќе, јави денеска „Фајненшл Тајмс“.
Вашингтон од мај нуди одбрана од воздух за бродовите кои сакаат да пловат по рутата долж брегот на Оман во јужниот дел на Ормуската Теснина.
Периодот во кој бродовите можат да се штитат е намален на два специфични периода секој ден од почетокот на септември, објави ФТ, повикувајќи се на електронска пошта што американската воена морнарица ја испратила до советниците на бродските компании.
Иран во средата соопшти дека нападнал десет бродови во близина на Ормуската Теснина откако САД потопија пет ирански танкери за нафта, што претставува најголем бран напади врз бродови од двете страни од почетокот на војната која трае веќе шест месеци.
Бројот на минувања на пловила низ Ормуската Теснина во четвртокот падна на седум, од 11 претходниот ден, што е значително под десетдневниот просек од 15.
Пред избувнувањето на војната со Иран на 28 февруари, низ протокот дневно минуваа околу 125 големи комерцијални пловила – вклучувајќи танкери, бродови за превоз на течен гас, бродови за карго и контејнерски бродови – кои сочинуваа околу 20 проценти од светското дневно снабдување со сурова нафта и течен природен гас.




