Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека му се „допаднале“ бурните реакции на неговите коментари со кои даде поддршка за обединувањето на Ирска.

Трамп кусо им се обрати на новинарите денеска додека пешачеше кон првиот терен во неговиот голф-ресорт во Донбег, округот Клер, на вториот ден од неговата посета на Ирска, пренесе ДПА.

Трамп вчера изјави дека „би сакал да види“ обединета Ирска, додавајќи: „Тоа на крајот ќе се случи“.

На прашањето за дипломатскиот спор што го предизвикаа неговите коментари, тој рече: „Ми се допаднаа“.

На друго прашање за реакциите на неговата интервенција, тој рече: „Си ги сакам коментарите“.

Тој не даде дополнителни коментари на прашањето за временската рамка за ирското обединување ниту за друго прашање за шкотската независност.

Трамп исто така рече дека е „одлично“ да се биде во Донбег и додаде: „Ги сакам ирските луѓе“.

Премиерот Микеал Мартин и некои други високи личности од ирската влада исто така присуствуваат на последниот ден од играта на Отвореното првенство на Ирска, чиј домаќин е теренот на Трамп во Донбег.

Се очекува Трамп да му го предаде трофејот на победникот на неговиот меѓународен голф-ресорт во Донбег, округот Клер, пред да замине назад во Соединетите Држави на крајот од дводневната агенда.