Полскиот министер за надворешни работи, Радослав Сикорски, ја повика Украина да напаѓа руски нафтени рафинерии со цел Русија да биде лишена од воени ресурси, пренесе Полската агенција за печат.
„Целта е да се изврши стратешки притисок врз руската економија, што е од клучно значење за да се стави крај на конфликтот“, рече Сикорски за време на викенд-посетата на Киев.
„Преговорите се еден од начините за ставање крај на оваа војна“, рече шефот на полската дипломатија кој е и вицепремиер на земјата. „Друг начин, сепак, е војната едноставно да стивне, бидејќи на (рускиот претседател Владимир) Путин ќе му недостигаат ресурси за да продолжи да ја води. За да се случи тоа, Украина треба главно да се насочи кон напади врз нафтени рафинерии“, порача тој.
Во меѓувреме, портпаролката на Министерството за надворешни работи на Руската Федерација, Марија Захарова, упати остри критики кон Сикорски. Таа неговата изјава дека доколку Русија ја нападне Полска, ќе биде многу брзо поразена ја оцени како израз на мозочно заболување.
„Русофобија во мозокот“, напиша Захарова на својот канал на „Телеграм“.
фото: архива




