Виктор Орбан, поранешниот унгарски премиер и лидер на опозициската партија ФИДЕС, во интервју за приватната телевизија „ХирТВ“ синоќа изјави дека Унгарија се наоѓа во процес на „реколонизација“ и повика на отпор.

Тој исто така изјави дека неговата „десничарска и пронародна“ влада го обновила суверенитетот на земјата во периодот од 2010 до 2026 година, тврдејќи дека пред 2010 година „80 отсто од стратешките економски сектори на Унгарија биле под странска, воглавно германска контрола“.

За неговата десничарска национална политика Орбан рече дека е борба против колонизацијата, ветувајќи дека ќе ја продолжи таа мисија без оглед дали е во опозиција или на власт. Тој вети повторно „ослободување“ на Унгарија.

Орбан ја критикуваше Владата на партијата ТИСА поради тоа што не води независна надворешна политика, тврдејќи дека одлуките ги диктираат „колонијални сили“ во Брисел. Според него, Владата се откажала од „политичката безбедносна мрежа“ на Унгарија со САД, од неутралноста во војната меѓу Русија и Украина, од договорите со Кина и од привилегираната соработка со турскискиот свет.

„Не сакаме војна, миграција, родова идеологија или откажување од христијанството“, изјави тој, нагласувајќи ја потребата да се гарантира дека „Унгарија ќе остане унгарска држава“.

Орбан ја обвини владата на ТИСА дека се согласила на „пакт со Брисел“, тврдејќи дека тој ќе ги демонтира унгарските национални сили што му се спротивставуваат на Брисел, по што „ќе ја предаде“ унгарската економија. Според него, сегашната влада ќе ги следи „сите инструкции на Брисел“ во замена за задржување на власта.

За економските тешкотии во земјата Орбан рече дека се последица на отсуството од соодветна економска политика, а не на недостигот од средства, посочувајќи ги притоа енергетската криза, колапсот на земјоделскиот сектор, стагнацијата во градежништвото и протестите на превозниците.

Орбан ја советуваше десницата да се насочи кон сопствените гласачи, за кои призна дека се разбирливо обесхрабрени по изборниот пораз. Тој ги повика десничарските сили во следните шест месеци да се прегрупираат, да работат со своите поддржувачи и да се реорганизираат за да продолжат да учествуваат во унгарскиот јавен живот.

„Сè уште не сме таму, пред нас има уште многу работа“, истакна тој.

Во меѓувреме, Орбан изјави дека владата на ТИСА воспоставува авторитарен режим и повика на отпор. Тој ја спореди новоформираната Национална служба за обновување и заштита на имотот со тајната полиција во Унгарија во времето на комунистичкото владеење.

Според него, оние „кои работат во оваа институција, носат одлуки или учествуваат во нејзините постапки, нема да ја избегнат финансиската и правната одговорност откако ќе биде обновено владеењето на правото“.

Коментирајќи го интервјуто, премиерот Петер Маѓар на „Фејсбук“ напиша: „Наместо чесно признание, Виктор Орбан се осмели отворено да им се закани на обвинителите, полицијата и финансиските службеници кои работат во Националната служба за обновување и заштита на имотот“.

„Мојата порака до мафијата е дека нема да отстапиме“, изјави тој.

фото: архива