Македонскиот Центар за климатски промени денеска во Битола одржа Соларен саем, на кој промовира идеи за алтернативни извори за производство на електрична енергија од сонце.

Во изјава за медиумите Филип Стојановски од Центарот за климатски промени посочи дека нивната намера е да ги запознаат граѓаните дека енергијата од сонцето може да се употреби за производство на електрична енергија.

– Во ситуација кога секојдневно растат цените на електричната енергија, граѓаните може да станат понезависни користејќи електрична енергија произведена од сонце, односно сончеви панели. Секое домаќинство има можност дома да постави сончеви панели и да произведува сопствена електрична енергија што ќе ја користи за сопствени цели, а неискористената енергија да ја врати во системот, односно во мрежата, а ЕВН да им ја откупи. На овој начин граѓаните стануваат независни, дел од трошоците за електрична енергија се намалува, а индиректно ѝ помагаат на државата. Очекуваме и државата да помогне во овој процес на осамостојување со доделување субвенции за поставување фотонапонски панели – нагласи Стојановски.

Соларниот саем се одржа на плоштадот Магнолија, каде што граѓаните од сите возрасти имаа можност да ги набљудуваат презентациите со алтернативно производство на електрична енергија.

– Нашите идеи може да ги користат сите граѓани. Една од нив е користењето соларна печка, која може да се користи во викендички. Соларната печка може да развие температура до 200 Целзиусови степени. На граѓаните им нудиме термален сончев колектор за производство на топла вода, како и производство на електрична енергија од активен велосипед, кој исто така може да генерира енергија – нагласи Стојановски.

Карванот на Центарот за климатски промени со Соларен саем продолжува со презентации во македонските градови. (МИА)