Премиерот на Албанија, Еди Рама, по изрекувањето на пресудата на поранешните водачи на Ослободителна војска на Косово (ОВК), кои денеска беа осудени на повеќе години затвор, на социјалните мрежи реагира со само еден збор: „Срамота“.

Рама на својот официјален фејсбук-профил објави фотографија од мапата на Европа покриена со венец од бодликава жица, на која со големи црвени букви е напишан зборот MARRE („Срамота“).

Премиерот на Албанија не посочи експлицитно дека неговата реакција се однесува на првостепената пресуда на Специјализираните совети за Косово, ниту дополнително го објасни својот став, но од времето на објавувањето и реакциите на неговите следбеници,јасно е дека изразува незадоволство од повеќегодишните затворски казни изречени на поранешните водачи на ОВК.

Специјализираните совети на Косово во Хаг денеска изрекоа првостепена пресуда за воени злосторства против водачот на поранешната ОВК, Хашим Тачи, и неговите најблиски соработници – Кадри Весељи, Реџеп Сељими и Јакуп Красниќи. Тачи и Красниќи беа осудени секој на 25 години затвор, Весељи на 18, а Сељими на 13 години. Времето поминато во притвор е вклучено во казната.

Фото:ФБ на Рама