Куба веќе втор ден е без електрична енергија поради „колапс на системот“, а Министерството за енергетика и рударство соопшти дека се „активирани протоколите за обновување на снабдувањето“.
Според надлежните, вчера дошло до дефект на далноводите во западниот дел на земјата, што предизвикало каскаден колапс на целата електроенергетска мрежа.
До изутрината, снабдувањето со електрична енергија било обновено за пет отсто од корисниците во Хавана, град со вкупно околу 862.000 потрошувачи.
Воспоставени се мали, изолирани зони со обновен доток на струја во провинциите Камагуеј, Пинар дел Рио и Гранма.
Повторно се активирани дизел-генератори за снабдување на болниците и другите критични објекти.
Колапсите на електроенергетската мрежа станаа сè почести во изминатите две години поради тешката економска криза што ја зафати Куба.
Ситуацијата се влоши од јануари, кога Соединетите Држави воведоа блокада на испораката на нафта и нафтени деривати за Куба, со цел да изнудат промена на нејзиниот политички систем.
Овие ограничувања ја спречуваат Куба да увезува гориво за термоелектраните и резервни делови за одржување на електричната опрема, од која голем дел е одамна застарен.
Од јануари, во Куба пристигнал само еден танкер со гориво – руски брод (во март).
Двата последни целосни прекини на струја на Куба се случија на почетокот на август, а претходно и во јули и март. Исто така, имаше и неколку регионални дефекти на мрежата.
Дури и кога националната електроенергетска мрежа функционира, жителите на островот се соочуваат со редовни прекини во снабдувањето со струја кои траат повеќе од 30 часа.




