Во пресрет на утрешниот празник Рождество на Пресвета Богородица (Мала Богородица), вечерва беше отслужена вечерна богослужба во храмот посветен на Богородичното рождество во центарот на Скопје.

По вечерната богослужба, празничното чествување продолжи со литија со иконата на Пресвета Богородица – Троеручица, околу централното градско подрачје.

Утре, на денот на празникот, ќе биде отслужена утрена богослужба со почеток во 07:30 часот, а потоа и света литургија во 09:00 часот.

Братството при храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Скопје, ги повикува верниците и сите луѓе со добра волја да учествуваат во торжественото прославување на празникот на Раѓањето на Мајката Божја – заштитничката на градот Скопје.

Македонскиот народ со многу внимание ја празнува и слави Пресвета Богородица, мајката на Исус Христос. Многу цркви го носат нејзиното име, а има и голем број преданија за чудотворни икони со ликот на мајката божја.

Рожедество на Пресвета Богородица е еден од дванаесетте големи празници во Православната црква, како и еден од четирите големи празници во чест на Дева Марија – Воведение (21 ноември/4 декември), Благовештение (25 март/7 април) и Успение (15/28 август).

МИА