Германскиот канцелар Фридрих Мерц оцени дека настапот на неговите христијански демократи на покраинските избори во Мекленбург-Западна Померанија е „катастрофа“, откако излезните анкети покажуваат дека партијата претрпе уште еден голем изборен удар од десницата, јави ДПА.
Мерц и се обрати на јавноста од седиштето на ЦДУ во Берлин откако на денешните покраински избори неговата Христијханско-демократска Унија ги загуби изборите, пишува германскиот Билд.
Денешните избори во Берлин и Мекленбург-Западна Померанија германските медиуми ги опишааа како уште еден клучен тест за Мерц. Билд наведува дека канцеларот ги поканил раководството на партијата и сите осум премиери на сојузните покраини од редовите на ЦДУ во седиштето на партијата.
Како што објави Билд, според првите прелиминарни резултати од гласањето во Берлин, во главниот град најмногу гласови освоила левичарската партија Ди Линке (Лева партија) со 24,5 проценти, додека Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на германскиот канцелар е веднаш зад неа со 20 проценти од гласовите. Десничарската Алтернатива за Германија (АфД) освои 16 проценти од гласовите.
Од друга страна, во Мекленбург-Западна Померанија, АфД освои дури 38 проценти. На второ место е Социјалдемократската партија на Германија (СПД) со 36,5 проценти. ЦДУ и Ди Линке (Die Linke) освоија по пет и шест проценти.
Обраќањето на Мерц доаѓа во време на интензивен политички притисок врз канцеларот и ЦДУ. Пред две недели, партијата претрпе тежок пораз на изборите во Саксонија-Анхалт, каде што АфД освои речиси 44 проценти од гласовите, додека поддршката за ЦДУ падна на околу 17 проценти. По поразот во Саксонија-Анхалт се интензивираа дискусиите за политичката иднина на Мерц како канцелар и лидер на ЦДУ.
И покрај шпекулациите за неговото заминување, сите осум покраински премиери од ЦДУ јавно го поддржаа Мерц пред неколку дена, отфрлајќи ги разговорите за промена на раководството на партијата или владата.




