Во пресрет на утрешниот празник Рождество на Пресвета Богородица – заштитничката на Скопје, вечерва во истоимениот храм се одржа вечерна богослужба, по која верниците тргнаа во свечена литија со иконата на Пресвета Богородица Троеручица низ центарот на градот, напиша градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски на својот Фејсбук профил кој порача дека скопјани обединети во верата и надежта го пречекуваат големиот празник.

„Обединети во верата и надежта, со заедничка молитва за здравје, мир и благосостојба, го пречекуваме овој голем празник.
Силата на Скопје е во неговите луѓе, во добрината и во подадената рака“.

Тој упати и празнична порака до граѓаните, посакувајќи Мајката Божја да донесе спокој во домовите и да ги поттикне луѓето на поголема блискост и слога.

Нека Мајката Божја ги закрили нашите деца, донесе спокој во секој дом и нè поттикне да бидеме поблиски и посложни. За многу години, скопјани! Нека ни биде благословен градот!