Дали Владата во својство на Собрание на акционери на АД Државна лотарија донела одлука за користење на 300 милиони денари од нераспределената добивка за прославата на 35-годишнината од независноста, дали се платени сите даноци поврзани со организацијата на настанот и кои компании обезбедиле дополнителни околу 40 милиони денари, беа трите прашања што пратеникот од СДСМ Оливер Спасовски ги упати до Министерството за финансии на денешната седница за пратенички прашања.

Спасовски рече дека станува збор за трошење на значителни јавни средства и дека јавноста има право да знае врз основа на кои одлуки и процедури биле обезбедени и потрошени средствата за прославата.

Тој побара информација дали е одржано Собрание на акционери на Државна лотарија и дали формално е донесена одлука за распределба на 300 милиони денари од добивката на друштвото за финансирање на настанот.

Во одговорот, заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски оцени дека станува збор за еден од најуспешно организираните настани по повод јубилејот на независноста и рече дека Владата е горда на начинот на кој било одбележано 35-годишнината од независноста.

Тој посочи дека јавноста веќе добила одговори преку прес-конференцијата на раководството на Државна лотарија и Владата, додавајќи дека доколку постојат сомнежи за евентуални нерегуларности, надлежните институции можат да ги испитаат.

Одговарајќи на прашањето за средствата обезбедени од Државна лотарија, Јанкуловски потврди дека постои одлука донесена од надлежен орган во акционерското друштво по претходно постапување по владин заклучок.

Спасовски, пак, реагираше дека не добил конкретен одговор на прашањето дали било одржано Собрание на акционери на Државна лотарија и дали формално била донесена одлука за распределба на добивката, имајќи предвид дека станува збор за државно акционерско друштво во целосна државна сопственост.

Во врска со второто прашање за даночните обврски поврзани со прославата, заменик-министерот рече дека станува збор за прашање од техничка природа кое е во надлежност на Управата за јавни приходи и најави дека одговорот ќе биде доставен писмено.

Спасовски побара во писмениот одговор да бидат наведени сите даноци што биле пресметани и платени, како и обврските кон домашните и странските изведувачи ангажирани за организацијата на настанот.

На третото прашање, кое се однесуваше на компаниите што обезбедиле дополнителни средства за прославата, Јанкуловски одговори дека тоа е прашање за раководството на Државна лотарија и упати одговорот да биде побаран од тоа акционерско друштво.

Спасовски изрази незадоволство од добиените одговори, оценувајќи дека Министерството за финансии има обврска да располага со тие информации и да ги презентира пред Собранието. Тој побара писмено да бидат доставени податоци за фирмите кои донирале или спонзорирале средства, висината на нивните уплати и основот по кој тие средства биле обезбедени.

Пратеникот оцени дека единствено преку целосна финансиска документација и транспарентност може да се отстранат сомнежите во јавноста околу финансирањето на прославата на јубилејот на независноста. (МИА)