Постојат докази дека Русија подготвува понатамошна саботажа против демократијата во ЕУ со цел да го подели општеството, да го одврати од поддршката на Украина, па затоа нашето разузнавање мора да биде подготвено да реагира пред да се извршат овие акции, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, пред почетокот на денешниот состанок на европските министри за одбрана во Брисел.

Таа најави дека на денешниот состанок ќе се разговара за правилата за интеракција меѓу европските земји во случаи на хибридни напади. Ќе предложиме правила за дејствување во вонредни ситуации, објасни Калас.

Според неа, ЕУ подготвува дополнителни предлози за вклучување во списоците на европски санкции поради војната во Украина. Таа истакна дека речиси 3.000 поединци и организации веќе се санкционирани.

– Мора да го зголемиме притисокот, подготвуваме предлог за проширување на списокот на санкционираните, поврзан со финансирањето и воено-индустрискиот комплекс на Русија – изјави Калас.

Високата претставничка истакна дека европските министри за одбрана денеска ќе разговараат за потребата од надминување на недостигот на одбранбени капацитети. Тие, исто така, ќе разговараат за можностите за итно снабдување на Украина со средства за воздушна одбрана.

– Постои потреба земјите од ЕУ повеќе да соработуваат – истакна Калас.