Кандидатката на десничарската партија Национален собир, Марин Ле Пен, би имала предност пред сите свои ривали доколку вториот круг од претседателските избори во Франција се одржи сега, покажуваат резултатите од истражувањето на агенцијата „Толуна-Харис“ за медиумот РТЛ, објавени денеска.
Според резултатите, Ле Пен би освоила 69 отсто од гласовите во директен дуел со лидерот на Непокорна Франција, Жан-Лик Меланшон, и 57 отсто од поддршката доколку се соочи со поранешниот француски премиер и актуелен градоначалник на Авр, Едуар Филип. Како што пренесува телевизијата БФМ (BFM TV), тоа е речиси ист резултат како оној со кој поранешниот премиер победи на претходни избори.
Истражувањето покажува дека Едуар Филип би бил во подобра позиција од лидерот на партијата Ренесанса, Габриел Атал, кој е исто така поранешен француски премиер. Според анкетата, Атал во вториот круг би добил меѓу 12 и 13 отсто од поддршката на гласачите.
Од друга страна, кандидатот на десничарската партија Републиканци, Бруно Ретајо, би добил 10 отсто од гласовите доколку Габриел Атал го претставува централниот блок, односно меѓу осум и девет отсто доколку претставник на центарот биде Едуар Филип.
Анкетата била спроведена онлајн во периодот од 22 до 24 септември, на репрезентативен примерок од 1.974 испитаници на возраст од 18 и повеќе години.
Претседателските избори во Франција се планирани за средината на април, додека евентуалниот втор круг треба да се одржи во мај. Вториот мандат на актуелниот француски претседател Емануел Макрон истекува на 13 мај.




