Папата Лав XIV синоќа повторно го упати својот повик за ставање крај на војната во Украина, пренесе ДПА.

Зборувајќи со новинарите во авионот за Рим на крајот од неговата посета на Франција, Лав ги осуди растечките воени расходи ширум светот.

Католичката црква има обврска да повикува на човечко достоинство, на важноста на животот и на „можноста можеби да се троши повеќе за здравството и образованието, а помалку за оружје“, рече тој.

– Верувам дека Црквата има одговорност да ги промовира тие вредности, постојано поканувајќи ги лидерите како оние на Русија и Украина, и на други земји, да дојдат, да седнат, да се вклучат во дијалог, да побараат начини за решавање на проблемите без да продолжат овие војни кои повеќе немаат никаква смисла – нагласи тој.

Мал број луѓе стануваат „извонредно богати од индустрија која промовира војна“, рече тој.

– А сепак, овие милијарди и милијарди евра или долари би можеле да се искористат за решавање на проблемите како што се гладот во светот, домувањето, невработеноста и слично – додаде папата.

Претходно вчера, Лав ја критикуваше тековната војна на Русија во Украина, опишувајќи ја како „бесмислено крвопролевање“.

Наместо да се фокусираат на повторно вооружување, европските држави треба да побараат „покреативни напори“ за промовирање на мирот во светот, изјави папата за време на своето обраќање пред публиката во Мец, источна Франција.