Седум од десет британски граѓани сакаат нивната влада да изгради поблиски односи со Европската Унија, покажува новото истражување на бриселски „Политико“, објавено денеска.
На прашањето што мислат за приближување на земјата кон Европската Унија и прифаќање на нејзините правила, околу 31 отсто од испитаниците рекле дека Велика Британија треба да изгради „поблиски“ односи со Брисел, но само под услов тоа да не подразбира почитување на прописите на ЕУ.
Од друга страна, 39 отсто од испитаниците сакаат „многу поблиска“ соработка, дури и ако тоа би значело Обединетото Кралство повторно да почне да почитува одредени правила на ЕУ.
Предводникот на истражувањето на јавното мислење во компанијата „Паблик фрст“, која ја спровела анкетата за „Политико“, Себ Вајд, изјави дека јавноста често се врти кон Европа во потрага по сојузништва, особено затоа што САД сè повеќе се доживуваат како, во најдобар случај, несигурен партнер, а во најлош случај како ривал.
Сепак, за владата тоа не е едноставно. „Приближувањето кон Европа“ не е исто што и „поништувањето на Брегзит“, па премиерот Енди Барнам ќе мора многу внимателно да балансира за да им угоди на проевропските струи во своите редови, а притоа да не отвори стари рани, рече Вајд.
Истражувањето исто така покажува колку дебатата за Брегзит ја подели земјата на два блока – оние кои се „за“ и оние кои се „против“.
Меѓу приврзаниците на левичарските партии има многу повеќе поддржувачи на поблиски односи со ЕУ отколку меѓу оние кои гласаат за десничарските партии.
Гласачите на Зелената партија се најзаинтересирани за потесна соработка со Брисел, која ја поддржуваат 64 отсто од нив, дури и ако тоа би подразбирало примена на поголем број правила на Унијата.
Помал интерес за приближување кон ЕУ има меѓу постарите гласачи, покажа анкетата.
Меѓу приврзаниците на партијата Реформ УК, 51 отсто се изјасниле за поблиски односи, што е двојно повеќе од оние кои сакаат поголема дистанца од ЕУ, односно 25 отсто.
Тоа претставува потенцијален предизвик за лидерот на евроскептичната партија, Фараж, наведува „Политико“.
Резултатите од истражувањето, додава порталот, би можеле да послужат и како аргумент за политичарите од Лабуристичката партија кои сакаат Барнам да биде поамбициозен во своите планови за унапредување на односите меѓу Велика Британија и ЕУ, што потенцијално би можело да вклучува враќање во царинската унија на Унијата, единствениот пазар, па дури и повторно полноправно членство.
Неколку министри и други политичари од редовите на лабуристите ги изнесоа своите ставови за тоа за каков вид поблиски односи Бернам треба да разговара со Брисел.
Градоначалникот на Лондон, Садик Кан, го повика премиерот веднаш да започне расправа за повторно влегување во ЕУ, оценувајќи дека Брегзит бил „катастрофа“ и „најголемата економска штета што една земја некогаш си ја нанела сама на себе“.
– Во одреден момент, порано или подоцна, ќе разговараме за повторно приклучување кон ЕУ. Зошто да чекаме? – праша Кан.
МИА




