Претставничката на ЗНАМ во работната група за реформи во изборното законодавство Весна Бендевска денеска во име на Движењето ЗНАМ искажа длабокото разочарување од повторното недоаѓање на СДСМ на оваа средба, нагласувајќи дека токму нивното отсуство говори за немање демократски капацитет.
– И од денес сметам дека веќе ја прокоцкаа и последната шанса аргументирано да говорат и критикуваат дека некој ги забавува реформите, односно реформскиот процес. Изборниот законик е дел од реформскиот процес. Нивното место е тука, доколку останало нешто од онаа државотворност со која сакаат оваа група луѓе да се пофали во своето делување. Местото им е тука. Се надевам дека овој пат, втората шанса, ќе дебатираме и ќе најдеме консензус, затоа што тоа ќе биде државнички. Околу роковите некој праша. До 31 декември повторно Македонија ќе биде оценувана и проценувана дали има капацитет да спроведува реформи – рече Бендевска.
Таа потсети дека до 30 јули требаше да се испорачаат десетте законски решенија, од кои девет беа испорачани.
– Ова беше решение кое не успеавме да го испорачаме само затоа што СДСМ отсуствуваше, и покрај сите договорени промени. Значи, во промените ги вклучивме само консензуалните договорените промени, за да избегнеме можност една група да даде безброј амандмани и да го блокира процесот – рече Бендевска.
Таа рече дека процесот заслужува шанса, но доколку отсуствува макар и една политичка опција која е застапена во Парламентот, не гледа смисла и логика.
МИА




