Израелскиот министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир денеска изјави дека ќе побара од безбедносниот кабинет да инсистира на екстрадиција во Израел на копилотот на авиокомпанијата „Флајдубаи“, кој вчера се обиде да го урне авионот на летот за Тел Авив со 174 патници, од кои 166 беа Израелци.
Копилотот, кој е омански државјанин, за време на летот од Дубаи кон Тел Авив со нож го избодел индискиот капетан на авионот Смит Мачхар. Капетанот успеал да ја отвори вратата од пилотската кабина, по што неколку израелски патници влегле внатре и го совладале напаѓачот, со што е спречена трагедија. Поради инцидентот, леталото принудно слета во градот Табук во Саудиска Арабија, а го управувале пилотите кои биле на летот бидејќи требале да ги заменат пилотите по слетувањето.
Бен-Гвир рече дека ќе ги повика израелското Министерство за правда и дипломатските претставници да ги „искористат сите расположливи средства“ за осомничениот да биде екстрадиран и кривично гонет во Израел, пренесува „Тајмс оф Израел“.
– Лицето кое планирало да урне авион и да убие 180 Израелци мора да биде екстрадирано во Израел и тука да ја добие најстрогата казна. Израел ќе го гони секој што ќе се обиде да убие или повреди Израелци и ќе го повика на одговорност, каде и да се наоѓа во светот – изјави Бен-Гвир.
Процесот на екстрадиција може да се соочи со сериозни дипломатски пречки. Ниту Саудиска Арабија, каде што авионот беше пренасочен и каде што осомничениот се наоѓа во притвор, ниту Оман — земјата од која потекнува пилотот — немаат дипломатски односи со Израел. Иако Израел има дипломатски односи со Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), двете земји немаат билатерален договор за екстрадиција. Според израелски претставници, првичната истрага ќе ја спроведат саудиските власти, по што се очекува ОАЕ да го преземат осомничениот за понатамошна постапка. ОАЕ веќе отворија истрага за околностите и мотивите за инцидентот, вклучително и за тоа дали станува збор за организиран терористички чин.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека копилотот, според досегашните сознанија, бил подложен на радикална исламистичка индоктринација, но мотивот и евентуалните врски со други организации сè уште се истражуваат. Неговиот портпарол Дорон Шпилман истакна дека ранетиот капетан Мачхар ги искористил „последните моменти од својата енергија“ за да ја отвори вратата и да овозможи интервенција на патниците.
Подоцна вчера, спасувачки авион со патниците од летот ФЗ1073 на „Флајдубаи“ слета на аеродромот „Бен Гурион“ во Тел Авив, откако полета од аеродромот во Табук. На аеродромот патниците беа пречекани од премиерот Нетанјаху и министерката за транспорт Мири Регев.
МИА




