ВМРО-ДПМНЕ бара Јавното обвинителство да отвори предмет и да ги провери јавните наводи на претседателот на СДС и пратеник Венко Филипче во врска со набавката на хеликоптери и договорот што, според неговите изјави, бил потпишан од поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска.
Од владејачката партија посочуваат дека станува збор за сериозни обвинувања кои, како што велат, мора да добијат институционална разрешница.
„Филипче јавно изјави дека Петровска ‘потпишала за 37 милиони евра поскап договор за набавка на хеликоптери, откако комисијата донела друга одлука’“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму сметаат дека доколку постојат сознанија за неправилности или евентуално противзаконско постапување при набавката, надлежните институции треба да ги проверат наводите.
„Затоа го повикуваме Јавното обвинителство да ги разгледа јавно изнесените наводи и обвинувања на пратеникот и претседател на СДС, Венко Филипче за евентуален сторен криминал од пратеничката на СДС и поранешна министерка за одбрана, Славјанка Петровска“, се наведува во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ воедно бара Филипче да ги обелодени сите информации со кои располага и да ги достави до надлежните институции, со цел случајот да биде проверен.
„Истовремено, го повикуваме Филипче целосно да ги обелодени информациите со кои располага, за овој и за други случаи, и истите да ги достави до надлежните институции“, велат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека јавните обвинувања за договори со висока финансиска вредност не треба да служат за меѓупартиски пресметки, туку треба да бидат предмет на институционална проверка.
„Јавните обвинувања за криминални договори вредни, како што самиот Филипче рече, 37 милиони евра не смеат да бидат средство за меѓупартиски пресметки, туку тие мора да добијат институционална проверка и одговор пред јавноста“, стои во соопштението.
Владејачката партија оценува дека Филипче треба целосно да ги презентира информациите што ги има и повикува Јавното обвинителство да постапи по јавно изнесените наводи.
„ЈО итно да постапи и да отвори предмет, зошто правда и одговорност за овој криминал мора да има“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.




