САД вчера привремено ги прекинаа конзуларните услуги во Бразил од безбедносни причини, два дена пред претседателските избори во земјата, јави ДПА.

Американската амбасада во Бразил ги повика американските државјани да не ги посетуваат дипломатските објекти, дури и во итни случаи, туку наместо тоа да побараат помош по електронски пат или телефонски.

Амбасадата не соопшти колку долго ќе трае суспензијата, ниту пак наведе конкретна причина за овој потег, пренесува германската агенција.

Извор од американската влада, цитиран од бразилскиот медиум „ТВ Глобо“ (TV Globo), укажа на можна закана со бомба. Останува нејасно дали наводната закана била насочена кон американската амбасада или кон друга локација во главниот град Бразилија.

Австралиската амбасада во Бразилија, исто така, вчера беше затворена поради безбедносни причини. Австралија се повика на безбедносното предупредување од САД и ги советуваше своите граѓани да ја избегнуваат американската амбасада, конзулатите и околните области.

Според информативниот портал „Г1“ (G1), бразилската полиција ги засили безбедносните мерки околу американската амбасада, но соопшти дека засега нема конкретни индиции за закана.

Претседателските избори во Бразил треба да се одржат утре.

Според државната новинска агенција „Агенсија Бразил“ (Agência Brasil), пред гласањето, бразилската разузнавачка агенција „Абин“ (Abin) предупреди на ризик од мешање на САД и зголемен притисок врз Бразил.

Најновите анкети покажуваат дека левичарскиот кандидат и актуелен претседател Луис Инасио Лула да Силва и десничарскиот сенатор Флавио Болсонаро – син на поранешниот претседател Жаир Болсонаро – водат израмнета трка, далеку пред останатите кандидати. Многу веројатен е втор изборен круг, пренесе ДПА.