Фудбалската федерација на Македонија ја споделува оваа информација поради очигледната потреба од дополнително информирање на поединци кои, без да ги проверат фактите, паушално ја коментираат цената на билетите за натпреварот Македонија – Шкотска.

Фактите се едноставни.

Од вкупниот капацитет на Националната арена „Тодор Проески“ од околу 32.000 гледачи, дури 13.431 билет е со основна цена од 500 денари, односно со 35% попуст преку Магента, реалната цена за навивачот изнесува 325 денари.

Дополнително, 3.000 влезници, согласно пропозициите на УЕФА, се наменети за гостинската репрезентација и нејзините навивачи по цена од 1.800 денари. Во оваа бројка не се вклучени тампон-зоните, што дополнително го намалува расположливиот капацитет за македонските навивачи.

Целата западна трибина е отстапена за најмладите фудбалери од Детската лига, нивните тренери и родители, како и за навивачките групи кои побараа присуство на натпреварот. Тоа не е исклучок само за овој натпревар, туку принцип што ФФМ го применува во текот на целиот циклус.

За целосна слика, од прва категорија се достапни 4.578 влезници, чија редовна цена од 1.800 денари со 35% попуст изнесува 1.170 денари.

Од втора категорија се достапни 5.133 влезници, чија цена со попуст изнесува 650 денари.

Затоа, пред да се пласираат паушални бројки и квалификации за „скапи билети“, би било коректно најнапред да се проверат фактите.

Ако за некого 325 денари за да ја гледа македонската репрезентација во живо се „прескапи“, тоа е негов личен став. Но, никој нема право од сопствената перцепција да креира лажна слика за цената на билетите и со паушални тврдења да ги доведува во заблуда оние кои сакаат да дојдат на стадион. Па макар бил и дел од академската заедница.

Академската титула, функцијата или припадноста кон која било институција не се замена за проверени факти. Напротив, од луѓето кои се дел од академската заедница се очекуваат токму точност, аргументираност и одговорност во јавното изнесување на информации.

Наместо со извадени бројки и селективно презентирани информации да се создава погрешна слика кај јавноста, очекуваме коректност и почит кон фактите.

Критика е добредојдена. Прашања се добредојдени. Но, манипулирањето со бројки и пласирањето на непотполни информации не е критика, туку создавање погрешна слика.

А кога се зборува за македонската репрезентација, фудбалерите кои го носат националниот дрес и навивачите кои се со тимот, заслужуваат најмалку точна информација, искреност и почит, велат од ФФМ.