По речиси 11 години од почетокот на изградбата, Охрид конечно ќе го добие затворениот базен, откако Владата на денешната седница ја усвои одлуката со која се овозможува продолжување и завршување на проектот, соопшти Министерството за спорт.
За целосно довршување на објектот се обезбедени 470 милиони денари, а од Министерството наведуваат дека со тоа се надминува долгогодишниот застој на еден од најзначајните спортски инфраструктурни проекти во градот.
Според Министерството, по преземањето на надлежностите била спроведена темелна анализа и ревизија на проектот со цел да се утврдат техничките, финансиските и административните пречки што го оневозможувале неговото завршување. По ревизијата биле преземени конкретни мерки за надминување на проблемите, меѓу кои и измена на основниот проект, со што се создаваат услови градежните работи да продолжат.
Од ресорното Mинистерство оценуваат дека затворениот базен е инвестиција од големо значење за Охрид и за развојот на пливачките спортови во државата, бидејќи ќе обезбеди современи услови за тренинг, развој на младите категории и организирање натпревари.




