Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, денеска на терен во Волково ги пречека партнерите од седум европски држави, кои се дел од проектот предводен од Општина Цеље.
Проектот е финансиран преку програмата Interreg Euro-MED на Европската комисија, со вкупна вредност од околу 190.000 евра. Од овие средства, околу 70.000 евра ќе бидат наменети директно за изградба на новиот парк во Волково.

Стојкоски истакна дека станува збор за значаен и уникатен проект, со кој Ѓорче Петров се приклучува кон европските напори за намалување на штетните последици од глобалното затоплување и појавата на таканаречените „топлински острови“.
„Ѓорче Петров, мислам дека е прва општина во Република Македонија која ќе се приклучи на ваков тип интервенција“, истакна Стојкоски, посочувајќи дека проектот ќе придонесе за создавање поквалитетна и поздрава животна средина за граѓаните.

Градоначалникот нагласи дека соработката со партнерите од европските држави, како и со невладиниот сектор во Македонија, отвора можности за понатамошна комуникација и аплицирање за дополнителни европски фондови во областа на заштитата на животната средина.
Стојкоски упати благодарност до координаторот на проектот, тимот кој работи на неговата реализација, како и до сите партнери и гости кои се вклучени во заедничката иницијатива.
Новиот парк во Волково треба да претставува пилот-проект и пример за примена на современи решенија за ублажување на ефектите од високите температури и климатските промени на локално ниво.




