Рускиот претседател Владимир Путин би можел да разговара со својот ирански колега Масуд Пезешкијан за евентуалното повлекување на Техеран од Договорот за неширење на нуклеарното оружје (ДННО) за време на претстојниот самит на Заедницата на независни држави (ЗНД) и Каспискиот еколошки форум во Туркменистан, соопшти Кремљ, пренесува ТАСС.
– Ако иранската страна смета дека е потребно да нè информира за тоа и ако овие планови навистина се спроведуваат, тогаш, се разбира, темата ќе биде покрената – изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Реакцијата на Кремљ следи откако претходно заменик-претседателот на иранскиот парламент Али Никзад изјави дека законодавниот дом ќе разгледа предлог за повлекување на Исламската Република од ДННО.
Песков, сепак, додаде дека е важно да се разбере до кој степен ова прашање е приоритет на агендата, имајќи предвид дека „темата е покрената од парламентарци“. Тој посочи дека ваквите изјави „не секогаш целосно се совпаѓаат со реалните планови за надворешнополитичката активност“ на одредена држава.
Путин денеска заминува во дводневна работна посета на Туркменистан, каде што ќе учествува на состаноците на високо ниво, а Песков истакна дека рускиот претседател ќе разговара со сите учесници на самитот.
„Првпат во историјата на ЗНД, на самитот во проширен состав е поканет да присуствува претседателот на Исламската Република Иран, Масуд Пезешкијан, кој потоа ќе учествува и на Каспискиот еколошки самит“, изјави претходно пред новинарите советникот на Кремљ, Јуриј Ушаков.
Покрај Путин и Пезешкијан, на самитот на ЗНД ќе учествуваат и лидерите на сите преостанати земји членки на организацијата: претседателот на Азербејџан Илхам Алиев, претседателот на Белорусија Александар Лукашенко, претседателот на Киргистан Садир Жапаров, претседателот на Казахстан Касим-Жомарт Токаев, претседателот на Таџикистан Емомали Рахмон, претседателот на Узбекистан Шавкат Мирзијоев, како и премиерот на Ерменија Никол Пашинјан.




