Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро во интервју за за руската државна агенција РИА изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп и наредил на колумбиската Владата и на мафијата во таа земја да го убијат.
Тој наведе и дека барањата за предвремени избори се пропратени со уцени, но оти земјите кои повикуваат на тоа ќе мора да почекаат до 2025 година.
– Не прифаќаме ничии ултиматуми, нема да бидеме уценувани, посочи Мадуро.
Тој во интервјуто за РИА наведе и дека е подготвен да разговара со опозицијата. Меѓутоа, на тие разговори, како што рече, ќе се согласи само со независно меѓународно учество.
– Подготвен сум да седнам на преговарачка маса со опозицијата и да разговарам за доброто на Венецуела, нејзиниот мир и нејзината иднина, рече Мадуро.
Собранието на Венецуела синоќа усвои закон за „демократска транзиција“ и обнова на уставот.
– Законот со кој ќе се обезбеди транзиција кон демократијата и обнова на уставот на Боливарската Република Венецуела е едногласно усвоен во прво читање, напиша опозицискиот лидер и претседател на Парламентот, Хуан Гуаидо на Твитер.