Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, ги советуваше жителите на украинскиот главен град привремено да го напуштат градот поради засилените руски напади, наведувајќи дека не повикува на целосна евакуација.
Тој рече дека станува збор за преживување и дека им советува на жителите на Киев кои имаат пријатели или роднини надвор од главниот град да размислат за привремено преселување.
„Секој ден има нови извештаи за уништени згради, повредени или загинати луѓе, бидејќи гранатирањето врз нашиот град се интензивира. Денес станува збор за преживување“, рече Кличко.
Тој нагласи дека нема да повика на целосна евакуација на Киев бидејќи, како што изјави, рускиот претседател Владимир Путин сака токму такво сценарио украинските градови да останат празни и да бидат предадени на Русија. Кличко рече дека во Киев се подготвуваат резервни системи за греење и се складираат гориво, храна и вода за пиење за зимата. Тој предупреди дека нарушувањето на инфраструктурата за водоснабдување во Киев може да доведе до голема криза.




