Во изминатата седмица, во Грција биле потврдени 20 нови случаи на вирусот Западен Нил и починале шест лица, според податоците од неделниот извештај на Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ), јавува дописничката на МИА од Атина.

Вкупниот број на дијагностицирани и пријавени случаи од почетокот на оваа вирусна сезона се зголеми на 443, што воедно е рекорден број на заразени од 2010 година, додека пак регистрирани се и вкупно 47 смртни случаи.

Од ЕОДИ соопштија дека од вкупниот број заразени, 282 лица биле со симптоми на централниот нервен систем (енцефалитис и/или менингитис и/или акутна парализа), а кај 161 случај симптомите биле благи или немало зафатеност на централниот нервен систем.

Од заразените, моментално 38 лица се хоспитализирани, 322 пациенти биле пуштен од болница, а за 35 од случаите не била потребна хоспитализација.

Во однос на починатите 47 лица, биле на возраст над 52 години, со просечна возраст од 82 години.

Според ЕОДИ, во текот на 2026 година, заклучно со вчера, случаи на инфекција со вирусот на Западен Нил во Грција се регистрирани во 91 општина во земјата и во 26 регионални единици.

Вирусот Западен Нил, што го пренесуваат комарците, присутен е во Грција во летниот период од 2010 до 2014 година, како и од 2017 до денес.

Досега, најголем број случаи на Западен Нил имаше во 2018 година, вкупно 317, а истото лето, највисок беше и бројот на починати лица вкупно 51, додека пак годинава е регистриран рекорден број заразени.

Лани, во Грција беа регистрирани 96 случаи, а од Западен Нил починаа девет лица. (МИА)