Силна експлозија одекна денеска на аеродромот во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад, додека се интензивираат ракетните напади на јеменската група Хути врз тоа кралство.

Медиумската служба на саудиската влада и Управата за цивилно воздухопловство на Саудиска Арабија засега не ја коментираа ситуацијата.

Меѓународниот аеродром „Крал Халид“ ги повика патниците директно да ги контактираат своите авиокомпании и да го проверат статусот на летовите пред да пристигнат на аеродромот.

Во меѓувреме, компаниите „Етихад ервејз“ и „Катар ервејз“ откажаа повеќе летови кон Ријад, при што некои од откажувањата се однесуваат и на понеделник.

Денешната експлозија следуваше по нападите врз аеродромот во Ријад претходно оваа недела, во кои четири лица загинаа, повеќемина беа повредени, а авион на компанијата „Саудија“ беше оштетен.

Овие напади наведоа бројни авиопревозници да ги одложат или откажат летовите кон престолнината на Саудиска Арабија, и тоа непосредно пред одржувањето на големи конференции за енергетика и инвестиции во Ријад.