Товарен воз на компанијата „Трансагент“, натоварен со жито, излета денеска од шините на влезот во железничката станица Меја кај Риека, при што 11 вагони завршија во провалија, соопштија хрватските власти. Во несреќата нема повредени, но е предизвикана голема материјална штета, поради што станицата е затворена за сообраќај.
Како што соопшти компанијата „ХЖ инфраструктура“, несреќата се случила утрово во 9:25 часот додека возот се движел кон Риека. Според досегашните информации, машиновозачот непосредно пред излетувањето го известил диспечерот дека на возот му откажале сопирачките и дека не може да го запре.
Набргу потоа, композицијата излетала од шините на самиот влез во станицата. Единаесет вагони паднале во провалијата, додека локомотивата и два вагона останале на пругата во станицата.
Поради обемот на штетата и отстранувањето на последиците од несреќата, железничката станица Меја останува целосно затворена за сообраќај.




