Преку Единствениот број за итни повици 112, во Центарот за управување со кризи (ЦУК) денеска во 08:22 часот е добиена пријава за двајца странски државјани кои планинареле кон врвот Пирибег, каде што биле затекнати од неповолни временски услови. Лицата се засолниле во планинарски објект, во близина на границата со Република Косово, на територијата на Македонија.

-По проверката на пристапноста до локацијата, утврдено е дека од македонска страна пристапот е единствено пеш, при што, поради временските услови, за пристигнување до објектот се потребни повеќе од шест часа во еден правец. Хеликоптерскиот пристап од наша страна не е возможен поради дождот и маглата. Од косовска страна, пак, постои пристапен пат од скијачкиот центар Брезовица до објектот каде што се засолнети лицата.

Веднаш по добивањето на пријавата, Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК) – Тетово ги извести надлежните служби, меѓу кои Полициската станица Теарце, Центарот за итни случаи (ЦИК) Тетово и Дирекцијата за заштита и спасување – Подрачното одделение Тетово, како и раководителот на РЦУК – Тетово. Истовремено, Дежурниот оперативен центар при ЦУК ги извести раководителот на одделението, помошник-раководителот на СОК и Кабинетот на директорот, информираат од ЦУК.

Согласно насоките на директорот на ЦУК, раководителот на РЦУК – Тетово стапил во контакт со ЈП „Национални шуми“ – подружница Тетово, од каде што е најавено дека ќе бидат известени нивните колеги од Косово за преземање активности за безбедно извлекување на лицата.

-Со оглед на попристапниот терен од косовска страна, како најсоодветно решение било оценето лицата да бидат преземени со возило преку пристапниот пат од страната на Косово. Во текот на координацијата остварен е контакт и со Службата за пребарување и спасување во планина на Косово. Во 11:45 часот, Дежурниот оперативен центар при ЦУК воспостави директна комуникација со едно од лицата преку телефонски разговор и СМС-порака, при што беше информирано дека екипа од Косово ќе пристигне за нивно безбедно извлекување. Според информацијата добиена во 14:21 часот од косовската служба за пребарување и спасување во планина, нивните екипи биле во постојана комуникација со лицата. Потврдено е дека двајцата странски државјани се во добра здравствена состојба, а нивното извлекување се очекувало околу 16:00 часот. Во 16:50 часот, Центарот за управување со кризи доби информација дека двајцата странски државјани се пронајдени во добра здравствена состојба и се транспортираат кон локација во Штрпце, Република Косово, соопштија од ЦУК.

Центарот за управување со кризи во текот на целата акција ја координираше комуникацијата со надлежните служби од Македонија и Косово, со цел безбедно извлекување на лицата.