Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека не е запознаен со „енергетското примирје“ меѓу Украина и Русија за кое соопшти американскиот претседател Доналд Трамп, но истакна дека Киев е подготвен да го прифати доколку Москва се согласила на тоа.

„Објавеното прекинување на огнот (во однос на енергетската инфраструктура) е новост за мене. Ако Русите се согласни на енергетско примирје, и Украина е согласна. Ако Трамп го договорил тоа со (рускиот претседател Владимир) Путин, ве молам, кажете ни кога стапува во сила примирјето – ние сме подготвени и ќе го прифатиме“, изјави Зеленски во интервју за порталот „Аксиос“.

Претходно денеска, на својата социјална мрежа Трут Соушл американскиот претседател соопшти дека Украина и Русија се согласиле на, како што рече, „енергетско примирје“, кое според неговите зборови стапува во сила веднаш, иако не изнесе дополнителни детали за договорот.