Силните вложувања во инфраструктурата за вештачка интелигенција го одржуваат растот на светската економија на околу три проценти, и покрај негативните последици од енергетскиот шок, изјави денеска директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, на почетокот на годишниот состанок на ММФ и Светската банка во Бангкок.

Инвестицискиот бум во вештачката интелигенција ги поттикнува побарувачката и инвестициите, при што посебна корист имаат азиските економии кои произведуваат хардвер и градат инфраструктура потребна за развој на оваа технологија, додаде таа.

Според проценките на Георгиева, вложувањата во вештачката интелигенција би можеле да го зголемат економскиот раст на развиените азиски економии за 0,5 до еден процентуален поен, а на економиите во развој во Азија за 0,2 до 0,8 процентуални поени.

ММФ во јули прогнозираше дека глобалниот раст во 2026 година ќе изнесува три проценти, а ажурираните прогнози ќе ги објави утре.

Георгиева предупреди дека вештачката интелигенција долгорочно значително ќе ги промени пазарот на труд, образованието, економскиот раст и начинот на кој државите наплаќаат даноци, со оглед на очекуваното поместување на приходите и активностите од трудот кон капиталот.

Вештачката интелигенција со тек на време би можела да промени дури 40 проценти од работните места, било преку унапредување на начинот на извршување на работата, влошување на условите или целосно укинување на одделни работни места, смета ММФ. Во Соединетите Американски Држави, според првичната студија што ја наведе Георгиева, веќе околу 10 проценти од работните места бараат вештини поврзани со вештачката интелигенција.

Претседателот на Светската банка, Аџај Банга, изјави дека таа институција сака да ја поттикне примената на поедноставни алатки за вештачка интелигенција во земјите во развој, особено во земјоделството, здравството и образованието, со цел да се зголеми продуктивноста.

Претседателот на Сингапур, Тарман Шанмугаратнам, предупреди сепак дека вештачката интелигенција веќе ја намалува побарувачката за почетни работни места наменети за младите кои завршуваат факултет. Тој ги повика владите да спречат продлабочување на разликите меѓу развиените земји и земјите во развој, како во економскиот раст така и во создавањето нови работни места.

Годишниот состанок на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка (СБ) почна денеска во Бангкок и ќе трае до 18 октомври, со учество на централни банкари, министри за финансии и развој, претставници на приватниот сектор, цивилното општество и академската заедница, соопштија организаторите.

Во фокусот ќе бидат изгледите за светската економија, финансиската стабилност, долгот, инфлацијата и економскиот раст, но и сè поголемото влијание на вештачката интелигенција врз пазарите на труд, јавните финансии и глобалната економија.

Фото: Архива