Премиерот Христијан Мицкоски преку објава на социјалните мрежи информираше дека започнува изградбата на автопатската делница Букојчани – Кичево, оценувајќи го проектот како значаен чекор кон целосно автопатско поврзување на Скопје и Охрид.

– Денес е почетокот на изградбата на автопатската делница Букојчани – Кичево, уште еден значаен инфраструктурен проект и важен чекор кон нашата голема цел, целосно автопатско поврзување на Скопје и Охрид – напиша Мицкоски.

Тој посочи дека со реализацијата на проектите Кичево – Охрид, Гостивар – Букојчани, Тетово – Гостивар и Букојчани – Кичево се создава основа за побрз транспорт, поголема безбедност, нови инвестиции и посилен економски развој.

– По години одложувања и изгубени можности, Македонија заслужува дела, а не изговори. Додека опозицијата продолжува со празни критики и политички препукувања, нашиот одговор се конкретните проекти што ќе им служат на граѓаните и на идните генерации – наведува премиерот во објавата.

Мицкоски порачува дека развојот на државата останува приоритет на Владата.

-Делата се наша одлика, а развојот на Македонија е наша обврска. Македонија се гради, се поврзува и оди напред – истакнува премиерот Мицкоски.

Фото: Архива