Меѓународниот аеродром „Крал Калид“ во Ријад ќе остане затворен најмалку до четврток, соопшти Генералната управа за цивилно воздухопловство на Саудиска Арабија, откако објектот беше цел на нови смртоносни напади од страна на јеменските бунтовници Хути. Во меѓувреме, саудиските власти соопштија дека се проценува штетата и од најновиот напад врз аеродромот во Дамам.
„Генералната управа за цивилно воздухопловство на Саудиска Арабија објави продолжување на прекинот на работата на меѓународниот аеродром ‘Крал Калид’ во Ријад, со цел да се завршат неопходните безбедносни проверки на објектите и да се утврди нивната оперативна подготвеност“, се наведува во соопштението на институцијата, во кое не е посочен точен датум за повторно отворање.
Висок претставник на авиокомпанија задолжен за летовите во регионот на Персискиот Залив изјави дека им било соопштено оти прекинот ќе трае најмалку до четврток и дека не се планираат летови до крајот на работната седмица во Саудиска Арабија.
Јеменските бунтовници Хути вчера презедоа одговорност за, како што наведоа, „обемни операции“ против саудиските аеродроми и енергетската инфраструктура. Во еден од нападите во саботата загинаа 13 лица, што го направи инцидентот најсмртоносен од ваков вид во кралството во последната деценија. Минатата седмица, исто така, шест лица загинаа во напади врз аеродромот во Ријад за кои одговорност презедоа Хутите.
Новиот напад врз аеродромот во Ријад вчера предизвика смрт на еден пакистански државјанин, а 11 лица беа повредени, соопшти саудиската управа за цивилно воздухопловство. Дополнително, синоќа институцијата соопшти и за нов напад врз аеродромот во Дамам.
Истиот ден, Хутите повторно упатија предупредување до патниците, вработените и авиокомпаниите, наведувајќи дека саудиските аеродроми се „небезбедни, со исклучок“ на оние што ги опслужуваат светите градови Мека и Медина. (МИА)




